Вториот израелски напад врз болницата „Насер“ во Кан Јунис, во кој беа убиени најмалку 20 лица, меѓу кои и пет новинари, сега е документиран од друг агол – со камерата на ранет новинар кој го преживеал нападот.
Видеото го прикажува моментот откако новинарите и медицинските екипи им притрчаа на помош на жртвите од првиот напад, кога израелската армија започна уште еден напад.
Да потсетиме дека меѓународните новински агенции „Ројтерс“ и „Асошиејтед Прес“ веќе побараа од Израел итна и транспарентна истрага за овој напад, посочувајќи дека меѓу жртвите се и нивните соработници и колеги од „Ал Џезира“ и други медиуми. Во заедничко писмо до израелските власти, тие нагласија дека се огорчени од фактот што новинарите биле цел и дека нападот бил извршен врз болница – место заштитено со меѓународното право.
Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) остро го осуди убиството на петте новинари, повикувајќи ја меѓународната заедница да го смета Израел за одговорен за она што го нарече континуирани незаконски напади врз медиумските работници. Слично реагираше и Синдикатот на палестински новинари, оценувајќи го овој настан како „опасна ескалација и отворена војна против слободните медиуми“.
Болницата „Насер“, која беше цел на израелски напади неколку пати во последните месеци, потврди дека во вториот напад е убиен и снимател на „Ројтерс“, додека нивниот фотограф е тешко ранет. Меѓу загинатите се и соработник на „Асошиејтед Прес“, новинар кој работел за НБЦ и снимател на „Ал Џезира“.
Бројни светски лидери и меѓународни институции реагираа на овој чин. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не бил свесен за нападот и нагласи дека не сака да „гледа такви сцени“. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека е „неподносливо“ новинарите и цивилите да бидат мети и дека тие мора да бидат заштитени. Катар повика на итна меѓународна акција, а Обединетите нации предупредија дека нападите врз новинарите и медицинскиот персонал се нов доказ за бруталноста на војната во Газа.
Иако израелската армија потврди дека извршила напад во таа област, тие во соопштението нагласија дека „не ги таргетираат новинарите под никакви околности“ и изразија жалење за цивилните жртви. Сепак, сè повеќе новинарски здруженија и меѓународни организации ја доведуваат во прашање веродостојноста на ваквите тврдења, потсетувајќи дека повеќе од 240 палестински новинари се убиени во Газа од почетокот на војната.
Ново видео од ранетиот новинар, кое се појави на социјалните мрежи, дополнително ја шокираше јавноста и го отвори прашањето дали израелските сили намерно ги таргетирале медиумските екипи кои известувале во живо од местото на трагедијата.