Вооружените сили на САД во текот на ноќта извршија нов напад врз позициите на Хутите во Јемен.
„Точно во 3 часот и 45 минути по локално време американските сили извршија напад врз радарот на Хутите во Јемен“, соопшти Централната команда на САД.
Централната команда на Пентагон соопшти дека нападот е продолжение на акцијата започната претходниот ден.
Нападот е извршен со ракетите „Томахавк“ лансирани од разурнувачот USS Kearny.
Извор од администрацијата на Сана наведува дека проектилот го погодил северниот дел на главниот град на Јемен, додека локалните медиуми јавуваат дека се слушнала силна експлозија.
Соединетите Американски Држави и Велика Британија, да потсетиме, започнаа напади врз целите на шиитското движење Ансар Алах, кое го поддржува Иран и владее со северен Јемен, нарекувајќи го одговор на заканите за слободата на пловидба во Црвеното Море.
Членот на Врховниот политички совет на движењето, Мохамед Али ал Хути, го нарече нападот „терористички варваризам“ и „намерна и неоправдана агресија“. Портпаролот на Хутите, Јахја Сарија, изјави дека САД и Велика Британија извршиле 73 напади во Јемен, при што загинале пет борци Хути, а шест се ранети.
Претседателот на САД, Џо Бајден, по нападот вети дека САД ќе дејствуваат на ист начин и во иднина. Тој тврди дека 27 напади на Хутите погодиле комерцијални бродови од повеќе од 50 земји и дека на 9. јануари движењето извршило голем напад и врз американските воени бродови.
Хутите претходно изјавија дека нивните акции во Црвеното Море се насочени само кон бродови поврзани со Израел и дека имаат за цел да им помогнат на Палестинците во Појасот Газа и да не ја попречуваат слободата на пловидба во регионот.
Арапските и муслиманските земји постојано ги предупредија САД дека безусловната поддршка за акциите на Израел во Појасот Газа ќе доведе до ширење на конфликтот низ целиот регион.