Соединетите Американски Држави се вистинска „империја на лаги“, соопшти денес Министерството за надворешни работи на Кина како одговор на извештајот на американскиот Стејт департмент, во кој официјален Пекинг е обвинет дека годишно инвестира милијарди долари во манипулирање со информации.
Кинеските власти го обвинија Стејт департментот дека креирал извештај заснован на лажни информации со цел да спроведе операција „когнитивна војна“, пренесува медиумската агенција Reuters.
„Извештајот ги игнорирал фактите и самиот претставува лажна информација“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Кина и се додава дека истите агенции на Стејт департментот што го измислиле извештајот, самите се занимаваат со пропаганда и инфилтрација во име на „глобален ангажман“.
Како што беше посочено, Вашингтон беше тој што ја измисли употребата на глобалниот информативен простор како оружје.
Reuters не потсетува дека во извештајот на Стејт департментот се наведува дека Кина користи цензура за манипулирање со глобалните медиуми, собирање податоци и тајни купувања на странски медиумски компании.
Според истиот извештај, официјален Пекинг наишол на „големи неуспеси“ кога ги таргетирал демократските земји, поради одбивањето на локалните медиуми и граѓанското општество да се согласат на манипулација со државните информации.
Министерството за надворешни работи на Кина, сепак, ги отфрла тврдењата.
„Некои во САД можеби мислат дека можат да победат во информациската војна се додека произведуваат доволно лаги. Но, луѓето во светот не се слепи. Без оглед на тоа како САД се обидуваат да ја прикачат етикетата на дезинформации на други земји, се повеќе луѓе во светот веќе го гледаат грдиот обид на САД да ја овековечат својата надмоќ со плетење лаги во новото одело на императорот“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Кина.