Одборот за надворешна политика на турскиот парламент го одложи во четвртокот гласањето за прием на Шведска во НАТО.
Претседателот на Комитетот, Фуат Октај, порача дека комитетот, кој е контролиран од владејачката партија АКП на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, дополнително ќе разговара за ова прашање и ќе го стави предлог-законот повторно на дневен ред следната недела, но не одреди точен датум.
„Со цел сите претставници да го одобрат членството на Шведска во НАТО, сите мора да бидат целосно убедени. За сето тоа ќе разговараме на нашиот следен состанок“, изјави тој за новинарите по неколкучасовна дискусија.
„Комитетот може да го одобри предлог-законот со просто мнозинство. Телото може да го повика шведскиот амбасадор да ги информира пратениците доколку смета дека е потребно и ако правилата го дозволуваат тоа“, објаснува тој.
Реџеп Таип Ердоган овој месец најави дека ќе се обиде да го олесни процесот на ратификација, но додаде и дека Шведска не направила доволно против курдските милитанти на нејзина територија.
Предлог-законот прво треба да биде одобрен од комисијата, а потоа да биде изгласан од парламентот. Реџеп Таип Ердоган само тогаш може да го потпише.
Шведска и Финска аплицираа за влез во НАТО минатиот мај по руската инвазија на Украина.
Тогаш Реџеп Таип Ердоган се спротивстави на ова, тврдејќи дека овие земји ги штитат луѓето кои Турција ги смета за терористи и затоа што имале ембарго за извоз на оружје во Турција.
Турција подоцна го одобри влезот на Финска во НАТО во април.
„Го ценам проширувањето на НАТО. Но, мораме да отстраниме некои контроверзии од нашите умови. Шведска стана рај за некои терористички организации“, порача претставникот на АКП, Али Шахин.
„Веруваме дека чекорите што Шведска ги презеде досега се вредни, но не доволни“, додаде тој.
Анкара го поврза влезот на Шведска во НАТО со купувањето на американски авиони F-16. Белата куќа го одобри ова, но сè уште не постави јасен рок. Купувањето на авионот мора да биде одобрено од Конгресот на САД.
„Ако тие имаат Конгрес, ние имаме парламент“, го повтори ставот Реџеп Таип Ердоган.
Некои аналитичари сметаат дека турскиот парламент би можел да го ратификува влезот на Шведска во НАТО до состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел на 28. и 29. ноември.
Некои членови на американскиот Конгрес јасно ставија до знаење дека нема да ја одобрат продажбата на авионите додека Турција не го ратификува влезот на Шведска во НАТО, тврдат неименувани високи претставници од САД.
Влезот на Шведска во НАТО не го ратификуваше ниту Унгарија.
Амбасадорот на САД во Унгарија вели дека унгарската Влада му рекла во четвртокот дека нема да биде последна што ќе го стори тоа.