Нов земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди во средата западен Авганистан, според податоците објавени од Сеизмолошката служба на САД (USGS), по оној во саботата во кој загинаа повеќе од 2.000 луѓе.
Земјотресот се случил на мала длабочина во текот на ноќта во средата, а неговиот епицентар бил на 29 километри северно од градот Херат, соопшти USGS.
Последиците од овој нов земјотрес се уште не се јасни бидејќи илјадници луѓе останаа без покрив над главата откако беа уништени домовите на луѓето од првиот земјотрес со јачина од 6,3 степени во саботата, кој беше проследен со осум последователни потреси.
Според властите, во новиот земјотрес нема пријавени нови жртви.
Локалните и националните власти дадоа спротивставени бројки за бројот на жртвите од земјотресот во саботата, но Министерството за управување со катастрофи соопшти дека загинале 2.053 лица.
ОН проценуваат дека повеќе од 12.000 луѓе се погодени од земјотресот од саботата, кој уништи 11 села во областа Зенда Јан во провинцијата Херат.
Саботниот земјотрес е најсмртоносниот во Авганистан во последните 25 години.