Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Ентони, би можел повторно да заврши на обвинителната клупа. Според бразилскиот UOL, неговата поранешна сопруга Габриеле Кавалин доставила докази до англиската полиција за наводното малтретирање и закани кои ги претрпела за време на врската со ѕвездата на „Црвените Ѓаволи“.
Габриеле Кавалин, инаку позната диџејка и инфлуенсерка, во јуни ги доставила истите документи до бразилската полиција, а споменатиот медиум пишува дека во нив има дури 70 страници докази за кривичното дело што го направил Ентони. Таа тврди дека нејзиниот сопруг ја малтретирал за време на нивниот заеднички живот во Манчестер, каде што се преселиле откако напаѓачот минатото лето пристигна од Ајакс во трансфер вреден 95 милиони евра.
Ванеса Соуза, адвокатка на наводната жртва, тврди дека на Ентони може да му се суди во Англија за три различни дела.
„Испраќање заканувачки пораки, затворање во куќа и семејно насилство со повреди на градите и прстите се дејствија кои се класифицирани како три различни кривични дела во Англија. Британските власти ги третираат многу сериозно“, објаснува адвокатката.
Габриеле Кавалин тврди дека сè уште има проблеми со спиењето поради агресивното однесување на нејзиниот сопруг.
За потсетување, Ентони се уште е под истрага во Бразил за истите обвиненија. Габриеле Кавалин прв пат го пријави во јуни, а фудбалерот и се обрати на јавноста преку социјалните мрежи.
„Лажно ме обвинуваа за напад. До овој момент молчев за да не го попречам истражниот процес, но деновиве јас и моето семејство претрпевме премногу. И покрај тоа што сум роден и израснат во сиромашна заедница, никогаш не сум поминал низ ваква ситуација, едно лажно обвинение да резултира со прелиминарна и неправедна јавна пресуда. Истрагата сигурно ќе ја докаже мојата невиност и правдата ќе победи“, изјави тогаш Бразилецот.