Нов сојуз: Трамп ги укинува царините?

мериканскиот претседател Доналд Трамп денес во Белата куќа ќе објави трговски договор со Велика Британија, објавија водечките светски медиуми.

Се очекува договорот да вклучува намалување или укинување на царините за британски челик, алуминиум и автомобили, додека Велика Британија би можела да го поништи дигиталниот данок што ги погодува американските технолошки компании.

Британија се согласува на отстапки кон САД со увоз на храна со пониски стандарди?

Според „Скај њуз“, британската влада е подготвена да направи одредени отстапки во однос на увозот на храна и земјоделски производи од Соединетите Американски Држави, со цел да се обезбеди за возврат олеснување на извозните давачки за автомобилската индустрија.

Иако деталите сè уште не се познати, нивниот дописник Пол Келсо вели дека договорот би можел да зависи од подготвеноста на Велика Британија да направи отстапки во врска со трговските тарифи.

Проблемот, сепак, е што Велика Британија всушност нема многу царини за американските стоки – трговијата меѓу двете земји е прилично избалансирана, со слични нивоа на извоз и увоз.

Најголемата пречка не лежи во царината, туку во регулативата. Производи како што се хлорирано пилешко месо и говедско месо третирано со хормони, кои се вообичаени во американската прехранбена индустрија , се забранети во Велика Британија.

Келсо предупредува дека секој обид за олабавување на тие стандарди би предизвикал силен отпор од британските земјоделци и прехранбената индустрија. Таквиот потег би можел сериозно да го комплицира самиот трговски договор, со оглед на тоа што САД бараат пристап до британскиот пазар, додека британската страна мора истовремено да ги одржува своите строги безбедносни и здравствени прописи.

Тој исто така потсетува дека царините на Трамп за британските прехранбени производи би можеле да имаат сериозно влијание врз извозот вреден милијарда фунти – поради што САД сега, логично, сакаат реципрочни отстапки.

 „Добар договор со Америка“

Утрово, британската влада објави официјално соопштение за трговскиот договор меѓу Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави. Иако договорот сè уште не е официјално потврден, сите индикации се дека е постигнат.

„Премиерот секогаш ќе дејствува во британскиот национален интерес – за работниците, претприемачите и семејствата. Соединетите Американски Држави се незаменлив сојузник, како во економијата, така и во прашањата за националната безбедност. Разговорите за договорот се одвиваат брзо, а премиерот ќе даде повеќе информации во текот на денот“, рекоа од Даунинг стрит.

Подоцна во текот на денот, во 15:00 часот по локално време, беше објавено официјалното обраќање од САД, кое го најави Доналд Трамп синоќа.

Министерот за одбрана Џон Хили утрово за „Скај њуз“ изјави дека не може однапред да ги процени случувањата пред официјалното соопштение од Даунинг стрит, но додаде: „Сигурен сум дека нашите преговарачи ќе обезбедат добар договор со Америка“.

„Првиот од многуте“

Синоќа Трамп најави „голема прес-конференција“ на социјалните мрежи и истакна дека ова е „првиот од многуте“ слични договори. Според извори блиски до преговорите, договорот доаѓа откако Трамп минатиот месец воведе царини од 10 проценти за повеќето трговски партнери, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, додека царините за челик, алуминиум и автомобили достигнаа и до 25 проценти.

Британскиот премиер Кир Стармер го смета договорот за клучен економски чекор напред, особено по неодамнешниот трговски договор со Индија. Вредноста на британската фунта порасна откако протече веста за можен договор.

Иако деталите сè уште не се потврдени, аналитичарите велат дека договорот би можел да донесе краткорочно олеснување во трговските односи и да означи почеток на пошироко ублажување на трговските тензии што ги обележаа политиките на Трамп во последните месеци.