Повеќе од 30 од најбогатите Норвежани побегнаа во Швајцарија и други земји во текот на изминатата година, додека деловните лидери изразуваат загриженост за данокот на богатство што го наплаќа централно-левичарската влада во Осло.
Јавните податоци во регистарот на населението на Норвешка покажуваат дека најмалку 30 милијардери и милионери во 2022 година ја замениле просперитетната скандинавска нација за алпската јурисдикција со пониски даноци. Меѓу нив е и рибарскиот и нафтен магнат Кјел Инге Роке, некогаш најбогатиот човек во Норвешка.
Други се преселиле во земји како Кипар, Италија и Канада. Веројатно нивниот пример ќе го следат и други, бидејќи богатите се загрижени поради даночните промени за кои велат дека и наштетуваат на конкурентноста на земјата. Истото го мислат и даночните советници.
Избор меѓу животот во Норвешка и успехот на компанијата
Последниот меѓу милијардерите што ја напушти Норвешка е Фредрик Хага, 31-годишниот ко-основач на компанијата за податоци за криптовалути Dunе, вредна милијарда долари, кој наскоро и официјално ќе регистрира живеалиште во Цуг, Швајцарија. „Морав да изберам меѓу животот во Норвешка и успехот на компанијата.
„Не е дека не сакам да плаќам данок. Станува збор за плаќање данок на пари што ги немам“, изјави Хага за „Фајненшл тајмс“. Во центарот на дебатата е норвешкиот данок на богатство кој се наплаќа на целиот нето имот во вредност од над 1,7 милиони норвешки круни (173.000 долари) со стапка од 1,1 отсто за најбогатите. Швајцарија исто така има данок на богатство, но нуди бенефиции за странците.
За претприемачите како Хага, чијшто најголем дел од имотот е врзан за неговата компанија, даночната структура може да доведе до ситуација да мора да плаќаат големи дивиденди или дури и да продадат дел од бизнисот. Меѓутоа, бидејќи Dune сè уште работи со загуба, но брзо расте, не можеше да плати дивиденда и не сака да продаде удел.
Норвешкиот данок е еден од ретките во Европа
„Или мора да земам пари од компанијата или да се преселам“, рече Хага, кој стравуваше дека неговата следна даночна пресметка ќе биде неколку пати поголема од неговиот расположлив приход. Група богати Норвежани кои минатата година заминаа во Швајцарија, според нивните годишни даночни пријави, имале вкупно богатство од 29 милијарди круни и платиле 550 милиони круни данок. Егзодусот во текот на 2022 година е поголем отколку во претходните 13 години заедно, пресмета дневниот весник Дагенс Наерингслив.
Роке, кој се пресели во Лугано во септември и претходно плати 181 милион круни данок, одби да ја коментира својата ситуација. Данокот на богатство на Норвешка, еден од ретките кои сè уште се наплаќаат во Европа откако Франција го укина во корист на данокот на имот во 2018 година, долго време беше извор на незадоволство меѓу богатите во Норвешка.
„Тоа го попречува норвешкиот бизнис на различни начини. Данокот ги принудува сопствениците да извлечат дивиденди од нивните компании, понекогаш повисоки од профитот. Тоа значително ги намалува инвестициите во компаниите“, изјави за „Фајненшл Тајмс“ Матилде Фастинг, даночен експерт во тинк-тенкот Цивита. Данокот на богатство е исто така линија на поделба меѓу норвешката левица и десница.
Владата е непопустлива
Додека едните би сакале да се укине, централно-левичарската администрација на премиерот Јонас Гар Сторе минатата година ја зголеми стапката на данок на богатство, го зголеми данокот на дивиденди и ги намали олеснувањата на данокот на богатство.
Фастинг рече дека данокот на богатство на деловниот имот веројатно ќе се удвои во 2022 година во споредба со претходната година, додека данокот на дивиденди се зголеми за речиси 50 проценти. Наскоро треба да се усвои и излезен данок осмислен со цел да ги одврати милионерите да бегаат во странство. Иако Норвешка никогаш не важела за земја со политички ризик, сопствениците на компании сега веруваат дека за неколку години со оваа влада може да биде уште полошо, објаснува Фастинг.
Владата е непопустлива. Ерленд Тригве Гримстад, државен секретар во Министерството за финансии, рече дека владата сака поединците и компаниите да напредуваат, но најбогатите мора да платат повеќе за да помогнат во одржувањето на дарежливата држава на благосостојба. Норвешка сè уште има неколку илјади милионери, повеќе од многу богати земји кога ќе се земе предвид бројот на жители.
„Луѓето имаат корист од бесплатно образование, национална инфраструктура, бесплатна здравствена заштита, субвенционирана предучилишна грижа за деца, строги правила за отпуштања и даноци на добивка во согласност со другите земји. Тоа значи дека оние кои уживаат успех со овој социјален модел мора да придонесат повеќе од другите“, рече Гримстад.
Не си заминуваат сите
Далеку од тоа дека секој богат Норвежанец си заминува. Николај Танген, поранешен менаџер на хеџ-фонд кој раководи со норвешки државен фонд, мораше да плати 60 милиони норвешки круни повеќе данок отколку што заработи кога се врати од Лондон. „Данокот го плаќам со задоволство. Лично мислам дека добивам многу назад за моите даночни пари“, рече Танген.
Карл Јохан Лиер, извршен директор на AutoStore и минатата година деветти по големина даночен обврзник во земјата, рече дека сфаќа зошто луѓето си заминуваат, особено оние кои водат старт-ап компании.
„Има многу луѓе кои не требаше да заминат“, рече Лиер, додавајќи дека тој нема да биде еден од нив: „Овде имам семејство и внуци. Тоа е поважно од даноците.“ Хага рече дека нема да има многу корист од тоа што јавно проговори, но сака да ги алармира претприемачите и новоформираната старт-ап сцена во Норвешка: „Норвешка од лошо се претвори во ужасно место за почнување на бизнис. Причината за ова е данокот на богатство“.