Финските, норвешките, данските и исландските новинарски синдикати ќе ја напуштат Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) во знак на протест поради „коруптивните активности“, вклучително и дозволувањето на новинарите на руските државни медиуми во Украина да останат членки, соопшти денеска финскиот синдикат.
Нордиските членови ја обвинија ИФЈ за долготрајни недемократски практики, криење финансиски податоци и дозволување претставници на руските државни медиуми да останат членки.
„Ние ги оценуваме овие активности како корупција“, изјави претседателката на Синдикатот на новинари во Финска, Хане Ахо.
Претседателот на Норвешкиот синдикат на новинари, Даг Идар Тригестад, рече дека синдикатите со години се борат да воспостават демократски правила за ИФЈ.
Нордиските синдикати, исто така, се пожалија на задржувањето информации за финансиите на ИФЈ, вклучувајќи ја и одлуката да се одржи светскиот конгрес минатата година во Оман, „каде што слободата на печатот е ограничена“.
„Целосно ги отфрламе лагите, клеветите и штетните обвинувања“, изјави заменик генералниот секретар на ИФЈ, Џереми Дир.
Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) претставува 600.000 новинари во 146 земји.