Синоќа, Которскиот залив доживеа невреме какво што жителите и туристите одамна не паметат. Денот започна со сонце и летна идила, но заврши со вистински хаос – урагански ветрови, обилен дожд и град предизвикаа огромни штети и страв кај сите што се најдоа во погодените места.
Најтешко беше погоден делот околу Херцег Нови, особено крајбрежните места како Бијела, Баошиќи и Ѓеновиќи. Силен ветар кој дуваше од планините носеше сè пред себе – јажиња за сушење алишта, лежалки, чадори и инвентар од плажите и кафулињата. Градот пробиваше покриви, а поројниот дожд навлезе во куќи и објекти, поплавувајќи ги просториите и уништувајќи мебел.
– Денот беше совршен, не претпоставувавме што не чека. Бучавата во текот на ноќта беше застрашувачка, имав чувство дека доаѓа крајот на светот – вели турист кој бил сместен во Ѓеновиќи.
Паркирани автомобили беа речиси потопени во кал и песок, откако надојдената вода повлече огромни количини земја од околината. Молњите непрекинато го осветлуваа небото, а драмата кулминираше со страв кај локалното население и гостите кои будни ја следеа ситуацијата, стравувајќи за своите животи и имот.
Невремето што ја погоди Црна Гора е едно од најразорните ова лето и остава зад себе сериозни последици. Очекувањата се дека деновиве ќе се направи проценка на штетата и ќе се организира итна санација.