Џонатан Конрикус, портпарол на израелските одбранбени сили (ИДФ), утринава изјави дека Израел ќе започне „значајни воени операции“ во Појасот Газа само кога ќе види дека цивилите ја напуштиле областа.
– Многу е важно луѓето во Појасот Газа да знаат дека бевме многу, многу дарежливи кога е во прашање времето. Издадовме опширно предупредување, повеќе од 25 часа… Не можам да нагласам повеќе од она што ќе го кажам, а тоа е дека сега е време жителите на Појасот Газа да си заминат – изјави Конрикус за Си-Ен-Ен.
Тој им порача на Палестинците „земете си ги работите и тргнете на југ“.
– Спасете ги животите и не паѓајте во замката што ви ја постави Хамас – изјави портпаролот на израелската армија.
Си-Ен-Ен потсетува дека половина од 2,2 милиони жители на Појасот Газа живеат во неговиот западен дел од каде Израел им порача да се евакуираат.
Се вели дека десетици илјади Палестинци веќе заминале на југ по првото предупредување на Израел.