Штета од над пет милиони евра е сторена во случајот со спортските ваучери на Агенцијата за млади и спорт (АМС), чие што прво рочиште се одложи денеска, изјави обвинителката Лидија Раичевиќ. Според неа, случајот по многу нешта е специфичен и ќе се врши темелна истрага на преземените дејствија.
„Случајот по многу нешта е специфичен, особено поради бројот на обвинетите, поради природата на кривичното дело, поради настаните кои се случувале и особено поради штетата која што е настапена, многу висока, изнесува над 5 милиони евра“, рече таа.
Раичевиќ нагласи дека постапката е сериозна, и, како што рече, се надева дека нема да постојат причини за понатамошно одложување. Во врска со суштината на постапката, таа појасни дека има повреда на повеќе прописи.
„Тоа што во постапката која што беше системско решение за финансирање на спортот преку ваучерите, формирањето на законските тела, Централната комисија за евалуација на ваучери, овластувањата на директорите на АМС, не се испочитувани согласно Законот за спорт, согласно правилниците кои што предвидуваат почитување на строги критериуми за да може некој да добие ваучер“, појасни таа.
Дополни дека тука нема да биде крајот, односно дека обвинителската работа наложува да истражува кој ги делел ваучерите на тој начин и како ги користеле стопанските субјекти, а како што рече, и тоа ќе биде предмет на дополнителна обвинителска анализа.