Обвинителството денес ги кажува своите последни зборови за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Со завршни зборови на обвинителството, денес во Основниот кривичен суд во Скопје ќе продолжи судењето за случајот со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жезовски.

На претходната седница заврши доказната постапка од судењето што започна во септември 2024 година.

На судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беа испрашани неколку лица, меѓу кои семејствата на жртвите, службени лица, инспектори, познати луѓе и соработници на обвинетиот Љубчо Палевски.

Обвинителството презентираше и материјални докази, како што се видео снимки, електронски комуникации и предмети собрани од местото на злосторството. Обвинетите на почетокот на судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, додека првообвинетиот, Палевски, во текот на целиот процес тврдеше дека станува збор за политички монтиран судски процес.

Во обвинението се наведува дека Љубчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски заедно го испланирале киднапирањето на 14-годишната Вања со цел да принудат член на нејзиното блиско семејство да даде пари како откуп.

Киднапирањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, според обвинението, имало за цел да го принуди да им го даде своето возило „Цитроен“ за да можат да го користат за киднапирање на детето во Скопје.

Малолетата Вања од Скопје и Панче, жител на Велес, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, соодветно, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.