По пронаоѓањето на 750 пиротехнички средства во автомобилот на Дрин Ахмети, внукот на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети и сопственикот на трговскиот центар „Соравија“, засега не се знае каква ќе биде неговата одговорност.
Министерството за внатрешни работи информира дека СВР Скопје во координација со јавен обвинител до ОЈО Скопје го доставиле соодветниот поднесок за понатамошни дејствија.
Од обвинителството појаснуваат дека за случајот е потребно вештачење.
„За инцидентот е известен јавниот обвинител. Според Обвинителството, во зависност од фактите што ќе се докажат со вештачење за пронајдените пиротехнички алатки, јавниот обвинител ќе одлучи за натамошниот тек на постапката“, соопштија од Обвинителството.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека синоќа на улицата „Самоилова“ во Скопје е запрен патнички автомобил „ренџ ровер“ со албански регистарски таблички. Возилото го управувал 25-годишниот Дрин Ахмети од Кичево село Зајас, а при преглед на возилото биле пронајдени 749 пиротехнички средства.