ОБДУКЦИЈАТА НА ВАЊА ЃОРЧЕВСКА Е ЗАВРШЕНА – Телото е предадено на семејството, а ова ќе биде дел од клучните докази во истрагата за грозоморниот настан

Обдукцијата на телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје претходниот ден е завршена и телото е предадено на семејството, потврдуваат извори од истрагата.

Во тек се анализите по обдукцијата со кои треба да се утврдат причините за смртта, како и времето кога девојчето починало и по целосното завршување ќе биде направен обдукциски извештај кој со сите целосни податоци и анализи ќе биде доставен до Основното јавно обвинителство Скопје.

Овој извештај ќе биде дел од клучните докази во истрагата за овој грозоморен настан што ја обви Македонија во црно.

14-годишното девојче кое исчезна на 27. ноември (понеделник) беше пронајдено мртво неколку дена подоцна.

Во околината на Велес е пронајдено и телото на велешанецот Панче Жежовски (74 г.), чие исчезнување беше пријавено на 24.11.2023 година. Официјалните информации се дека истите лица ги убиле и Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Осомничените Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски завчера завршија во притвор од 48 часа, а притворот завршува утре. ОЈО Скопје ќе треба да соопшти дали ќе се бара дополнителна мерка.

Таткото на Вања Ѓорчевска, осомничен дека учествувал во грозоморниот чин на киднапирање на неговата ќерка, која потоа беше убиена, вчера му е одреден дводневен притвор.

Министерството за внатрешни работи вчера распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски попознат во јавноста како Палчо, првоосомничениот за киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

Скопското јавно обвинителство соопшти дека по осомничениот Љупчо Палевски, кој е во бегство, по итна постапка е распишана потерница за спроведување истражна постапка за сторени кривични дела киднапирање и убиство. Основниот кривичен суд денеска му одреди мерка притвор во отсуство, кој ќе почне да важи по неговото откривање.

По воведните зборови на министерот Оливер Спасовски и на обвинителот Гаврил Бубевски, министерот вчера на прес-конференција порача дека откако ја зграпчиле девојката пред нејзиниот стан, и ги врзале рацете и нозете, а потоа ја ставиле во гепекот на автомобил „Citroen“ и ја однеле до локацијата каде ја убиле и ја закопале.

На прашањето зошто барањето откуп завршило со убиство, обвинителот Гаврил Бубевски кажа дека осомничените ги фатило паника што ги следат и затоа решиле подоцна да го убијат девојчето.

На прашањето дали имаат информации преку кој граничен премин избегал еден од осомничените, министерот Оливер Спасовски откри дека МВР има такви сознанија, дека тој избегал заедно со неговиот адвокат. Побегнале во Белград, а потоа во Бугарија, по што на Палчо му се губи трагата.

Вања ЃорчевскаЉупчо ПалевскиМакедонијаПанче Жежовскисмртубиство