Околу 2,7 килограми сребрен накит, 33 рачни часовници и 160 парчиња облека со вкупна вредност од над 500.000 денари, заплениле мобилните екипи на Одделението за контрола и истрага во три државни контроли на граничните премини Богородица, Блаца и Табановце минатиот викенд.
Со овие дејствија е спречен обид за криумчарење и избегнување плаќање царина од околу 150.000 денари.
Во првиот случај, како што информираат од Царината, двајца сопружници при влез во државата на граничниот премин Богородица се обиделе нелегално да внесат околу 2,7 килограми сребрен накит. Накитот е откриен при претрес на куферите, при што во внатрешните џебови од облеката биле пронајдени 37 пакувања со сребрен накит, а во возилото биле пронајдени три сметки за накит, кои биле на име на сопругот.
Во вториот случај, станува збор за часовници кои мобилната екипа на Царинската управа ги открила при преглед на автомобил на граничниот премин Блаце. Возачот на автомобилот ги сокрил часовниците во црни кеси кои ги ставил зад совозачкото седиште.
На граничниот премин Табановце, при проверка на автобусот, откриени и одземени се 160 парчиња облека наменети за продажба на македонскиот пазар. Автобусот кој сообраќал на релација Белград-Скопје е избран за детален преглед, при што под клупите и во фабричката празнина над десните задни тркала била пронајдена непријавена облека.