ОБСЕ/ОДИХР ја објави оценката за изборите: Тие беа поларизирани без локални прашања

Локалните избори беа конкурентни, но многу поларизирани и доминирани од национални теми, вклучително и етнички линии, што ги потиснуваше локалните прашања – оценуваат меѓународните набљудувачи. ОБСЕ/ОДИХР, Конгресот на Советот на Европа и Европскиот парламент уште еднаш забележаа дека државните средства се користеле за политички цели, а имаше и обвинувања за притисок и заплашување на гласачите и вработените во јавната администрација.

„Законските прописи за политичко рекламирање, вклучително и во медиумите, ги ставија независните кандидати и вонпарламентарните партии во неповолна положба и неправедно ги исклучија помалите партии“, рече Матео Мекачи, ОБСЕ/ОДИХР.

Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа оцени дека денот на изборите поминал мирно и регуларно, со позитивна оценка за работата на изборните комисии и употребата на биометриска идентификација, иако забележа технички пречки што мора да се надминат во иднина.

„Го поздравуваме фактот што од последната мисија за набљудување на изборите на Конгресот, членовите на изборните комисии добија повисок стандард на обука, што го зголеми оперативниот капацитет на изборната администрација, заедно со позитивните напори за подобрување на употребата на биометриска идентификација. Имаше технички проблеми со овие машини, кои ги видовме одблизу и се надеваме дека ќе можат да се решат за следните избори…“, рече Гобнит ни Вимнехан, Конгрес на Советот на Европа. Европскиот парламент потсетува дека многу препораки од претходните набљудувања се сè уште отворени, а во текот на денот на изборите имаше процедурални грешки во редоследот на броење гласови, семејно гласање и слаб пристап за лицата со попреченост.

Во врска со застапеноста на жените, набљудувачите истакнуваат дека законските квоти дозволуваат една третина да биде на листите за советници, но на листите за градоначалници жените се драматично недоволно застапени и треба да се најдат решенија за соодветна застапеност и на овие листи. Европскиот парламент, кој во суштина не ги набљудува локалните избори, рече дека некои работи треба да се подобрат.