Јапонскиот фотограф Кеи Сугимото на својот канал на YouTube објави досега невидено видео од уривањето на кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк на 11 септември 2001 година.
Настанот за кој многумина тврдат дека бил пресвртница за светот, сепак 23 години подоцна предизвикува низа коментари и реакции, а на социјалните мрежи речиси секојдневно може да се видат бројни видеа од тој период.
Сепак, снимката што ја објави јапонскиот фотограф дефинитивно има поголемо значење со оглед на тоа што трае речиси еден час и ја следи целата ситуација со кулите откако авионите се урнаа во нив.
Според Сугимото, видеото го пронашол додека чистел работи во станот и изјавил дека е објавено исклучиво за историски цели.
„Го чистев мојот плакар и најдов кутии полни со Hi-8, Digital-8 и DV ленти. Кога се обидов да ги репродуцирам, забележав дека можеби околу една третина се демагнетизирале со текот на времето или страдаат од оштетување на податоците. Така почнав да ги дигитализирам“, изјави фотографот.
Досега видеото го погледнале повеќе од 80.000 луѓе, а многумина во коментарите истакнале дека видеото на Сугимото нуди уникатен поглед на сите настани во текот на 11 септември.