Објавена снимка од американскиот напад врз венецуелски брод за дрога, при што загинаа 11 лица

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторник сподели некласифицирана снимка од американската војска како изведува напад во јужниот дел на Карибите врз, како што рече, брод што превезува дрога и тргнува од Венецуела.

Трамп тврдеше дека бродот го управувала бандата Трен де Арагва (ТДА) и дека 11 „терористи“ биле убиени во ретката американска воена операција во Америка, објавува Телеграф.

Стејт департментот ја означи ТДА, која потекнува од Венецуела, како странска терористичка организација.

Нападот од вторник следува по неодамнешната одлука на Вашингтон да го прошири своето поморско присуство во близина на Венецуела за борба против латиноамериканските нарко-картели, иако официјалните лица не сигнализираа никакви планови за копнена интервенција.

Како одговор на тоа, претседателот Николас Мадуро нареди распоредување трупи по должината на брегот и границата со Колумбија и ги повика Венецуелците да се приклучат на цивилните милиции.

„Порано утрово, по моја наредба, американските воени сили спроведоа кинетички напад врз идентификувани наркотерористи од Трен де Арагва во зоната на одговорност на САУТКОМ. ТДА е странска терористичка организација, која работи под контрола на Николас Мадуро, одговорна за масовни убиства, трговија со дрога, трговија со луѓе за сексуални услуги и акти на насилство и терор низ целите Соединети Американски Држави и Западната хемисфера“, рече Трамп.