Нови сателитски снимки откриваат штета во нуклеарниот погон Фордоу во Иран откако американските воени авиони го бомбардираа местото.
Фотографиите направени во неделата од американската компанија за комерцијални сателитски снимки „Максар Технолоџис“ и добиени од „Бизнис Инсајдер“ покажуваат неколку големи дупки, или кратери, во гребенот над подземниот комплекс во Фордоу, јужно од Техеран.
Снимката покажува нешто што изгледа како слој прашина или остатоци предизвикани од американските воздушни напади врз областа, а неколку влезови во тунелите што водат до подземниот објект се чини дека се блокирани со земја.
Претседателот Доналд Трамп рано наутро во недела по локално време објави дека САД ги нападнале иранските нуклеарни постројки во Фордо, Натанц и Исфахан, што подоцна го опиша како „спектакуларен воен успех“.
Тој рече дека американските авиони фрлиле „полн товар“ бомби врз Фордоу, еден од главните ирански објекти за збогатување ураниум. Локацијата е закопана длабоко во планинската падина и е најотпорниот објект во земјата.
Генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на вооружените сили, изјави дека седум бомбардери Б-2 Спирит фрлиле вкупно 14 тешки бомби против бункери врз нуклеарните постројки на Иран.
Тој ја опиша операцијата, позната како „Полноќен чекан“, како многу таинствена и сложена.
Во разговор со новинарите рано во неделата, Кејн рече дека бомбардерите Б-2 ја исфрлиле бомбата GBU-57 Massive Ordnance Penetrator, или MOP, тешка 13.688 кг, која е најголемата ненуклеарна бомба на американската војска и се верува дека е единственото оружје способно да пробие до најдлабоките нуклеарни објекти на Иран, како што е Фордоу.
Тој додаде дека тоа била првата оперативна употреба на MOP досега.
Американски функционер за „Њујорк тајмс“ изјави дека моменталното мислење е дека „Фордоу“ не бил уништен, туку бил сериозно оштетен во нападот.