САД веруваат дека постои можност за ескалација и дека постои зголемен ризик од напади врз американските сили и граѓани на Блискиот Исток, вели американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
Во врска со ова, во интервју за ABC, Лојд Остин потсети на неодамнешните напади со беспилотни летала врз американските сили во Ирак и Сирија.
„Го правиме она што е потребно за да се осигураме дека нашите сили се подготвени и способни да одговорат“, порача Лојд Остин.
Според него, дополнителното распоредување на американските сили на Блискиот Исток испраќа уште една порака до оние кои би сакале да го прошират конфликтот во регионот, а тоа е дека САД нема да се двоумат да преземат соодветни мерки за да го спречат ширењето на војната.
Лојд Остин истакна дека САД во моментов се фокусирани на обезбедување на Израел со се што му е потребно за да се брани, наведувајќи дека е во контакт со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант речиси секој ден.
Лојд Остин вели дека им рекол на израелските власти дека Израел треба да ги спроведе своите операции во согласност со законите на војната. Лојд Остин истакна дека ставот на САД отсекогаш бил дека решението со две држави за палестинско-израелскиот конфликт е адекватно.
Претходно беше најавено дека САД ќе распоредат батерија од противракетниот систем THAAD и дополнителни баталјони на противвоздушни ракетни системи Patriot на Блискиот Исток.
Лојд Остин, исто така, нареди подготовки за распоредување дополнителни трупи за, како што вели, подобрување на подготвеноста и способноста за брзо реагирање, доколку се појави потреба.