Египет го предупредил Израел за можно насилство три дена пред смртоносниот напад на Хамас, тврди претседателот на панелот во американскиот Конгрес, пишува BBC.
Првиот човек на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, Мајкл Мекол, зборуваше со новинарите за наводното предупредување.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, бесно рекол дека извештаите се „целосно лажни“ и ги отфрлил без размислување.
Израелските разузнавачки служби, пред се Мосад, се соочија со критики за неуспехот да го спречат најсмртоносниот напад на палестинските милитанти во 75-годишната историја на Израел.
„Знаеме дека Египет ги предупреди Израелците три дена однапред дека може да се случи ваков настан“, изјавил Мајкл Мекол за новинарите во средата по состанокот на пратениците зад затворени врати на тема – Блискиот Исток, според AFP.
„Не сакам премногу да навлегувам во доверливи информации, но предупредувањето е испратено“, рекол републиканецот од Тексас и додал: „Мислам дека беше прашање на кое ниво беше испратено“.
Претставник на египетското разузнавање изјавил за медиумската агенција Associated Press оваа недела дека Каиро постојано ги предупредувал Израелците дека „нешто големо“ се планира од Појасот Газа.
„Ги предупредивме дека ситуацијата ќе експлодира и тоа многу брзо и дека акцијата ќе биде голема. Но, тие ги потценија нашите предупредувања“, рекол претставникот кој сакал да остане анонимен.
Официјален Каиро соопшти дека израелските власти ја минимизирале заканата од Појасот Газа и наместо тоа се фокусирале на Западниот Брег.
Според Financial Times, кој цитира двајца неименувани официјални лица запознаени со ова прашање, немало цврсти разузнавачки информации за конкретен напад.
Во средата, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ја опиша секоја сугестија дека Израел добил специјално предупредување пред смртоносниот упад како „тотално лажна вест“.
Египет – често служи како посредник меѓу Израел и Хамас.
Повеќе од 1.500 милитанти ја пробија безбедносната бариера на Појасот Газа во саботата во координиран напад од копно, воздух и море.
Бројот на загинати од нападите на Хамас во Израел достигна 1.200. Повеќе од 1.000 луѓе се убиени во израелските воздушни напади врз Појасот Газа.
Како одмазда, Израел погоди мета на цели на Хамас во Појасот Газа. Жителите во околината велат дека се без струја откако единствената централа им останала без гориво.
Во меѓувреме, Хамас ги осуди изјавите на претседателот на САД, Џо Бајден, кој во вторникот кажа дека Израел има должност да одговори на нападите, кои ги нарече „чин на чисто зло“.
Палестинската група Хамас соопшти дека забелешките на Џо Бајден биле насочени кон ескалација на тензиите во Појасот Газа.
По нападот на Хамас, САД објавија дека преместуваат носач на авиони и бродови во источниот Медитеран, а исто така ќе му обезбедат на Израел дополнителна опрема и муниција.