Украинските власти имаат припремано план за трансфер на власта во случај Русија да успее да го ликвидира претседателот Володимир Зеленски, пишува весникот Politico, повикувајќи се на извори меѓу украинските власти.
Володимир Зеленски неодамна изјави за CNN дека не може да си дозволи да биде загрижен поради обидот на Русија да го убие.
„Ако продолжам да размислувам за тоа, едноставно би се сокрил некаде, како Владимир Путин кој сега не го напушта својот бункер. Се разбира, моите телохранители треба да сфатат како да го спречат тоа, и тоа е нивна работа. Не размислувам за тоа“, изјави неодамна Володимир Зеленски.
Неколку недели по инвазијата, главниот советник на украинскиот претседател, Михаило Подољак, откри дека имало најмалку десетина сериозни обиди за убиство на Володимир Зеленски.
Тоа е прашање што неговите поддржувачи дома и во странство не можат да го игнорираат, но со оглед на влогот и ризикот, не е ни чудо што украинските власти во голема мера одбиваат да разговараат што би се случило доколку Русија успее да го елиминира претседателот на Украина.
Линијата на наследување е јасна и утврдена со Уставот на државата.
„Доколку претседателот не е во состојба да ги извршува своите должности, неговите одговорности ги презема претседателот на Врховната Рада (Собрание) на Украина“, изјавил опозицискиот пратеник од западниот град Лавов, Никола Књажицки, во коментар за странските медиуми.
Претседателот на Врховната Рада, Руслан Стефанчук, член на владејачката партија, сепак, нема особено висок рејтинг во анкетите. Тој има рејтинг околу 40 проценти, што е помалку од половина од Володимир Зеленски. Во исто време, Руслан Стефанчук не е популарен ниту меѓу пратениците од опозицијата.
„Мислам дека тоа не е важно. Има силен лидерски тим и мислам дека би виделе колективна Влада“, изјавил Адријан Каратнички, виш соработник во Центарот за Евроазија на Атлантскиот Совет.
Административниот совет најверојатно ќе го сочинуваат Руслан Стефанчук како носител заедно со Андриј Јермак, поранешен филмски продуцент и адвокат кој е шеф на кабинетот на претседателот, министерот за надворешни работи Дмитро Кулеб и министерот за одбрана Алексеј Резников, а Валери Залужни ќе остане највисок генерал во земјата.
Адријан Каратнички вели дека се надева оти во тој случај ќе дојде до израз улогата на ТВ-лицето Серхи Притула, кој сега води големи добротворни иницијативи и има неверојатен степен на јавна доверба.
„Земјата дојде до точка на многу значајна солидарност и национално единство. Ако му се случи нешто страшно на Володимир Зеленски, тоа не би било толку пресудно како што мислите“, вели Адријан Каратнички.
Тој, исто така, истакна дека Украина создаде добра воена и дипломатска машина.
„Не сакам да кажам дека Володимир Зеленски е ирелевантен, но мислам дека единството на земјата е неопходна работа“, вели Адријан Каратнички.
Иако смртта на Володимир Зеленски би била психолошки шок, Адријан Каратнички вели дека треба да погледне како Украина се трансформирала откако Русија ја започна својата инвазија.
„Нападот на Владимир Путин ненамерно помогна да се создаде силно ново чувство за украинска нација и да се формираат сигурни институции. Јавноста е единствена по своите цели“, тврди Адријан Каратнички.
„Важно е да се запамети дека клучните фактори во борбата на Украина против руската агресија се отпорот на вооружените сили и вештините на командување, односно победата на фронтот. Ова е најважно во однос на политичката стабилност на Украина“, вели Адријан Каратнички.
Володимир Зеленски беше и пофален за доброто воено лидерство и критикуван за неговите погрешни чекори – особено затоа што не се подготвуваше подобро за инвазијата за која сметаше дека е малку веројатна.
Јарослав Ажњук, украински претприемач, ја отфрли можноста за руски атентат, но нагласи дека Украина „нема да пропушти“ доколку тоа се случи.
„Володимир Зеленски добро ја игра својата лидерска улога во овие предизвикувачки времиња, но чувството на апсолутното мнозинство Украинци е дека никогаш нема да се откажеме и никогаш нема да ѝ се потчиниме на Русија“, наведува Јарослав Ажњук.