Оваа особина е најважна за да успее детето во животот: се учи уште од рана возраст

Една особина стекната во детството е клучна за успехот на децата кога ќе пораснат – еве што е во прашање.

Парите не се најважната работа на светот, но го олеснуваат животот на многу начини, па не е ни чудо што многу родители сакаат нивните деца да бидат успешни и во оваа финансиска смисла.

Ако тоа е вашата желба, ќе бидете изненадени од фактот дека една особина која се стекнува во детството може многу да влијае на шансите за успех подоцна во животот.

Психолозите од Нов Зеланд следеле 1.000 деца од градот Данедин од 1972 година за да ги откријат факторите од детството кои имаат најголемо влијание врз нивниот развој и животот подоцна, кога ќе пораснат.

Излегува дека подоцнежниот успех нема многу врска со образованието, вмрежувањето или работната етика. Наместо тоа, научниците откриле дека нешто друго има многу поголема мотивација – најуспешни возрасни луѓе биле оние кои, растејќи, покажале поголема самодоверба од нивните врсници, имале високо ниво на дисциплина и емоционална интелигенција .

Научниците го нарекуваат множеството од овие три карактеристики како емоционален количник или едноставно емоционална интелигенција (EQ).

Луѓето со повисока емоционална интелигенција покажуваат и поголема емпатија, имаат попозитивен став, донесуваат поинформирани одлуки и признаваат кога грешат, пренесува nypost.com.

Од друга страна, децата со низок EQ имаат помала веројатност да бидат финансиски успешни кога ќе пораснат. Според научниците, тие имаат поголеми шанси да имаат пониски приходи, лоши навики за трошење и помали шанси да имаат заштеда, свој дом или да инвестираат пари во нешто додека да наполнат триесет години.

Проценките на EQ на учесниците во студијата беа извршени во редовни интервали во текот на детството, на возраст од три, пет, седум, девет и 11 години , со набљудување на однесувањето на децата, интервјуирање на нивните родители и спроведување анкети со нивните наставници.

Откриено е дека постои силна врска помеѓу способноста на детето редовно да ги толкува и контролира своите емоции и неговиот иден професионален успех во зрелоста.

„Сите деца понекогаш имаат проблем со самоконтролата, но оние со низок EQ покажале слаба самоконтрола во различни ситуации и на различни возрасти“, објаснуваат научниците од Универзитетот во Отаго за списанието American Scientist.

Научниците исто така истакнаа дека високиот EQ може да биде важен фактор на работното место, кој влијае на тоа колку добро вработените соработуваат и комуницираат со своите колеги на работа.

Емоционалната интелигенција се развива во детството, најмногу со помош на блиски, возрасни во околината кои поттикнуваат комуникација, ги прифаќаат нивните емоции и отворено и искрено зборуваат за своите проблеми.