ОВА ГО ИМА САМО НА БАЛКАНОТ – Син на богат и влијателен бизнисмен добил стипендија за сиромашни студенти: “Не знаевме ништо…“

Томислав Ковачевиќ, 22-годишен студент на Факултетот за сообраќајни науки на Универзитетот во Загреб и син на сопственик на камионската компанија „Ќиќко Комерц“, Иван „Ќиќко“ Ковачевиќ, е на списокот на студенти со живеалиште во Република Хрватска кои студираат во учебната 2022/23 година, а кој аплицирал за државната стипендија „Е категорија“, стипендија која се доделуваат на студенти со послаб социо-економски статус.

Порталот Hercegovina.info наведува дека семејството Ковачевиќ е „богато и влијателно“ и дека семејството и фирмите во нивна сопственост поседуваат 40 автобуси, автобуски станици и голем број комбиња, багери и автомобили. 

Hercegovina.info тврди дека меѓу овие автомобили се Mercedes E Class, Audi A8, BMW X6, Audi A6 и Mercedes G Class. Се наведува и дека семејството Ковачевиќ е сопственик на фирмата „Ќиќко ПВЦ“ за производство на ПВЦ столарија, чиј годишен приход наводно надминува еден милион конвертибилни марки (510 илјади евра). Дополнително, Hercegovina.info пишува дека семејството е сопственик на кафе-клубот „Ќиќко“ во Томиславград и градежна компанија во Хрватска. На крајот се наведува дека Иван „Ќиќко“ Ковачевиќ и неговиот син Томислав ангажирале хеликоптер за свадбата на неговиот брат.

Стипендијата за која аплицирал и му била одобрена на Томислав Ковачевиќ се доделува на студенти кои живеат во Хрватска чии семејства имаат приход помал од 259 евра по член на семејството. Висината на стипендијата е 200 евра, а се исплаќа во текот на девет месеци.

Иван „Ќиќко“ Ковачевиќ во средата објавил отворено писмо во кое тврди дека неговиот син Томислав се пријавил за стипендија без негово знаење, но и без знаење на никој од семејството. Бизнисменот потоа во име на семејството му се извини на министерот за наука и образование Радован Фукс. Тој кажа и дека контактирал со Министерството за наука и образование на Хрватска и дека ја вратил стипендијата што ја добил неговиот син Томислав, односно ја уплатил во државниот буџет на Република Хрватска.

Како што пишува 24h.hr, Томислав Ковачевиќ ја добил стипендијата затоа што во својата апликација навел членови од домаќинството кои исто така живеат во Република Хрватска и дека приходите на членовите на семејството кои биле регистрирани во Босна и Херцеговина не биле видливи за Даночната управа на Хрватска.

Босна и ХерцеговинаобразованиеХрватска