Најмалку 28 лица се повредени денеска во Минхен кога автомобил влета во толпа луѓе, соопшти полицијата, додавајќи дека возачот е приведен.
Весникот „Билд“ наведе дека полицијата мора да утврди дали возачот на Mini Cooper намерно влетал во толпата, со оглед дека во овој град се подготвува безбедносна конференција на која ќе присуствуваат стотици светски лидери, пренесува Reuters.
Полицијата на социјалната мрежа Х објави дека возачот е приведен и не претставувал дополнителна закана, но не сакале да коментираат дали се работи за сообраќајна несреќа.
– Најмалку 28 лица се повредени, од кои двајца потешко – соопшти полицијата.
Инцидентот се случил на околу километар и половина од местото на конференцијата, пренесува ФоНет.
Според полицијата, уапсен е 24-годишен авганистански државјанин, осомничен дека го управувал автомобилот и дека бил барател на азил.
Полицијата додава дека не верува дека инцидентот е поврзан со Минхенската безбедносна конференција, која треба да започне утре , јавува Би-Би-Си. На снимката по инцидентот се гледа како полицијата го врзува за земја.
Минхенската полиција на социјалните мрежи објави дека возачот е уапсен на местото на настанот и „во моментов не претставува никаква опасност“.
Инцидентот се случи само неколку недели откако автомобил удри во група луѓе на божиќниот пазар во источниот германски град Магдебург , при што загинаа две лица, а беа повредени речиси 70. Возачот на БМВ-то, државјанин на Саудиска Арабија, беше уапсен по несреќата.
„Билд“ тогаш објави дека автомобилот поминал „најмалку 400 метри низ божиќниот пазар“.