Британскиот нафтен гигант BP објави дека ќе ги прекине сите испораки на нафта преку Црвеното Море по неодамнешните напади на бродови од Јемен, област контролирана од бунтовниците Хути. Како што наведуваат, одлуката е донесена поради „влошување на безбедносната состојба“, но посочуваат дека се работи за времена мерка, пишува BBC.
За потсетување, во петокот, една од најголемите бродски компании во светот, Maersk, објави дека повеќе нема да превезува израелски товар преку теснецот на Црвеното Море.
BBC добил документи во кои се наведува и дека Evergreen Line објави дека ќе и наложи на својата контејнерска флота да ги прекине патувањата до натамошно известување.
Црвеното Море е една од најважните патишта за транспорт на нафта и гориво, како и стока за широка потрошувачка.
Јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран, гаѓаат бродови кои патуваат низ теснецот Баб ал-Мандаб – познат како „Порта на солзите“ – канал широк 32 километри познат по тоа што е опасен за навигација.
Бунтовниците велат дека го поддржуваат Хамас и ги таргетираат бродовите кои пловат за Израел, користејќи беспилотни летала и противбродски ракети. Засега, сепак, не е јасно дали сите бродови нападнати од Хутите се движеле кон Израел.
Во светло на влошената безбедносна ситуација за бродовите во Црвеното Море, BP одлучи привремено да ги паузира сите транзити низ Црвеното Море.
„Мерката ја воведуваме превентивно, а ќе ја менуваме во зависност од развојот на состојбите во регионот“, велат од компанијата.
Освен Maersk, кој ја нарекува ситуацијата „алармантна“ по инцидентот во Гибралтар, одлука да го прекине патувањето низ теснецот донесе и MSC, најголемата светска бродска групација.
Нивниот контејнерски брод „MSC PALATIUM III“ бил нападнат во петокот додека минувал низ Црвеното Море. Нема повредени членови на екипажот, но бродот е деактивиран.
Hapag-Lloyd и CMA-CGM исто така ги запреа испораките низ регионот.
Ова значи дека наместо теснецот Баб ал-Мандаб, компаниите сега треба да одат многу подолг пат, пловејќи околу јужна Африка.