Ова е моментот кога се урна зграда во Истанбул: Луѓето панично бегаат, се крева облак од прашина, падна поради нелегалната градба?

Првичните истраги покажаа дека зградата била изградена пред 36 години и во тоа време незаконски биле доградени 1,5 ката, изјави министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени Мехмет Ожасеки.


Едно лице загина во уривање на трикатна зграда во истанбулскиот кварт Кучукчекмеџе, објавија медиумите.

Претходно беше соопштено дека под урнатините останале заробени неколку лица, а во меѓувреме биле извлечени осум лица. Двајца од нив се во тешка состојба.


На социјалните мрежи се појави видео кое го прикажува моментот на уривање на зградата.

На него се гледа како луѓето бегаат додека таа исчезнува и се крева облак од прашина.

Гувернерот на Истанбул Давут Ѓул изјави дека зградата е изградена во 1988 година, а засега нема информации за причините за уривањето.

Министерот за животна средина, урбанизација и климатски промени Мехмет Ожасеки рече дека првичните истраги покажале дека зградата е изградена пред 36 години и дека незаконски биле доградени 1,5 ката.

„Зградата е изградена без да се почитуваат архитектонските и инженерските стандарди“, додаде тој.

Медиумите пишуваат дека на приземјето на зградата имало продавница, на кат биле канцеларии, додека на горните катови живееле семејства.

Пожарникарите и спасувачките служби се на терен и продолжуваат со работа.