Осум ученици, чувар и наставничка од основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград се убиени, а уште седум се повредени во средата наутро кога во нив пукал 14-годишниот ученик од тоа училиште Коста К. кој подоцна беше уапсен од полицијата.
По оваа невидена трагедија во историјата на српското образование, Владата на Република Србија одржа медиумска конференција која започна со едноминутно молчење за сите загинати.
„Во име на Министерството за образование на Република Србија, изразувам најдлабоко жалење по повод најголемата трагедија што ја снајде Србија и нашиот образовен систем во поновата историја. Во трагедијата што се случи – осум деца за жал го загубија животот, додека повредените ученици се хоспитализирани. Никој не може да ги врати децата на нивните родители. Настанот се случил околу 08:40 часот кога седмо-одделенецот го извршил овој грозоморен чин. Работел и безбедносниот прстен, кој според нашите процедури е стандардизиран и предвиден за училиштата – видео надзор, а имало и припадник на обезбедувањето. Тој трагично го загуби животот вршејќи си ја својата должност. Присутен бил и полицаец кој бил во редовна обиколка на училиштето. Благодарен сум на здравствените работници и се молиме на Бога да им помогнат на сите. Шест деца се хоспитализирани и еден наставник. Благодарен сум и за храброста на наставниците и на сите кои беа присутни во училиштето. Тим од психолози веднаш беше повикан да обезбеди поддршка на учениците и родителите. Кога ќе ги видите тие сцени, незамисливо е како им било на оние деца кои доживеале страв“, изјавил српскиот министер за образование Бранко Ружиќ, пренесуваат соседните медиуми.
„Од утре наставата започнува со едноминутно молчење. Како што знаете, и Србија е, за жал, дел од тој свет каде што се почесто се случуваат вакви работи. Евидентно е канцерогеното влијание на видео игрите и западните вредности. На сите им е јасно дека е потребен голем пресврт и систематско изнаоѓање решенија. За оваа трагедија да не се претвори во општествено прифатлив модел на однесување како што е во западните општества. Имавме многу смислен, емотивен разговор со претседателот на Републиката, Александар Вучиќ, со премиерката Ана Брнабиќ и секако денеска како Влада ќе излеземе со уште појасна слика. Апелот е да им се дозволи на семејствата на починатите да ги испратат своите најблиски на мир и сите оние кои тоа го гледаат како политички мршојадец да се погледнат во огледало“, заклучил министерот за образование на Србија.
По министерот, пред медиумите се обратила и српската министерка за здравство Даница Грујичиќ.
„Загинаа осум деца и еден маж. Нема можност да се вратат. Две момчиња се стабилни и надвор од животна опасност, третото девојче преживеа прострелна рана во главата и е во критична состојба. Тие се борат за нејзиниот живот. Во животна опасност е и наставникот. Изразувам сочувство до родителите кои ги загубија своите деца, кои утрово ги испратија на училиште. Со 40 години стаж и во 90-тите кога видовме секакви повреди, ова е моето најстрашно искуство и како доктор и како човек. Институтот за ментално здравје ќе организира две телефонски линии на кои ќе се пружа психолошка помош“, изјавила српската министерка за здравство.
По министрите се огласил и првиот човек на белградската полиција Веселин Милиќ.
„Ова е огромна трагедија која предизвикува тага и болка“, кажал Веселин Милиќ и ја претстави хронологијата на страшното злосторство.
„Иванка Јовановиќ повикала полиција околу 08:40 часот, пријавила дека во училиштето влегло дете и дека пукало. Потоа се јавила и кажала дека тоа е Коста К. и дека пукал во неколку деца. Во оваа прилика загинаа 8 ученици, 7 девојчиња и 1 момче. Во истиот настан повредени се 6 ученици, 4 момчиња и 2 девојчиња. Поминаа 25 години откако почнав да работам, бев на илјадници инспекции, но ова е невидено во целото општество. Ова е прашање за целиот систем. Полицајците го лишиле од слобода Коста К. На местото на настанот е пронајдено оружје. Ова било планирано и организирано, злосторството го планирал еден месец. Мотивот се уште не е утврден. Од станот на татко му одзел два пиштола. Подготвил и 4 молотови коктели“, соопштил првиот човек на полицијата а потоа ги покажал фотографиите кои биле пронајдени кај уапсеното момче.
„Ова беше список на деца кои планираше да ги ликвидира. Ги нацртал и влезот и излезот во училиштето и, како што самиот кажа, ги одредил приоритетните цели. Скечот личи на нешто од видео игра и хорор филм, што укажува на тоа дека во која училница детално планирал како да влезе“, објаснил тој, пренесуваат соседните медиуми.