Откако на 118-годишна возраст почина француската калуѓерка Андре, титулата за најстара жена на светот ја понесе Марија Брањас Морера од Шпанија, која сега има 116 години.
Родена е во Сан Франциско, Калифорнија, на 4. март 1907 година, една година откако нејзините родители емигрирале во САД. Осум години подоцна, тие решиле да се вратат во Шпанија, населувајќи се во Каталонија, која Марија Брањас Морера ја нарекува дом.
Марија Брањас Морера има три деца и се гордее со своите 11 внуци и 13 правнуци. Во последните 22 години таа престојува во дом за стари лица каде е внимателно згрижена. На прашањето кој е рецептот за бесмртност, таа има многу едноставен одговор.
„Мислам дека долговечноста е да се биде среќен. Среќен и да се има добра генетика“, тврди таа.
Таа, исто така, истакнува дека во животот е важно да се држите подалеку од токсичните луѓе, пишува Daily Mail. Марија Брањас Морера верува дека умереноста е клучот, особено кога станува збор за храната.
„Отсекогаш јадев во мали количини, но никогаш не држев диета. Никогаш не сум боледувала од некоја болест, ниту сум оперирала“, вели таа која истакнува неколку вредности кои се важни за среќата и здравјето на секој човек.
Според неа тоа се: ред, мир, добра врска со семејството и пријателите, контакт со природата, емоционална стабилност, многу позитивност и бегање од токсични луѓе.
Инаку, деновиве кај Марија Брањас Морера престојува директорот на Институтот за истражување на леукемија во САД, Јосип Карерас, и професор по генетика на Универзитетот во Барселона. Имаат една цел – да ја откријат тајната на нејзината долговечност и на тој начин да развијат лек за болести.
„Таа е фантастична“, рекол професорот кој зел примерок од ДНК на Марија Брањас Морера, вклучувајќи плунка, урина и крв.
Треба да ги почекаме резултатите и да дознаеме од научна гледна точка која е тајната на живеењето над 100 години.