Пред скоро шест години беа убиени Горан Бискуповиќ Биски (28) и Милош Бошњак (25) од Котор.
Тие на 05.09.2016 година загинаа во населбата Муо во Котор, околу 16,00 часот, на само 700 метри оддалеченост од Одделението за полициска безбедност, кога непознато лице од далечина активираше претходно поставена експлозивна направа скриена во грмушките.
Тоа беше прва мафијашка ликвидација извршена на овој начин, а воедно и најбрутална со оглед на начинот на кој беа одземени животите на двајцата млади луѓе.
И додека Бискуповиќ бил член на „Шкаљарскиот клан“ , Бошњак наводно не бил од криминогена средина, иако често бил виден во друштво на Бискуповиќ.
Младите момчиња загинале враќајќи се пеш до местото, каде што обично се собирале, до куќата на Бискуповиќ.
Две безживотни тела, како што тогаш објавија црногорските медиуми, до крајот на денот лежеле на патот покриени со бели чаршафи, додека до нив останале крвави апостолки. Во близина, покрај полицајците, долго стоеле две помлади и една постара жена, кои шокирани седнале на тротоарот и зјапале во жртвите.
Вознемируваше податокот дека сè се случувало во инаку мирна населба, улица по која секојдневно минуваат маалски деца, а таков брутален напад се случил среде бел ден и на само неколку стотини метри од станицата.
Во рамките на истрагата, полицијата приведе и испрашуваше поголем број „кавачанци“ но убиецот на Бискуповиќ и Бошњак сè уште не е пронајден.
Бискуповиќ и претходно беше приведен и испрашуван неколку пати при различни полициски акции. Заедно со которанецот Данијел Маховиќ бил уапсен во 2014 година откако полицијата ги претресла нивните станови и пронашла експлозиви, оружје, безбол палки, електрошокер… Од друга страна, се верува дека Бошњак бил случајна жртва.
Во март 2016 година, полицијата во Котор ги сослушала, меѓу другите, и членовите на таканаречениот клан Шкаљар и Бискуповиќ за подметнувањето пожар во дискотеката „Максимус“, кои негирале каква било поврзаност со тој чин.
Погребите и на Бискуповиќ и на Бошњак ги обезбедуваа силни полициски сили, а посебно внимание привлече некрологот даден и на двајцата, потпишан со „Вашите другари“:
„Се осмелија да ги нападнат вашите две невини души, но времето и милиот Бог ќе покажат колку згрешиле. Почивај во мир“.