Вилата на Роналдо треба да вклучува и огромен стаклен базен со подводна патека.
Градежните работи на вилата на Кристијано Роналдо „со големина на болница“ во близина на Лисабон доцнат една година. Кошмарното сценарио ги разбеснило идните соседи на фудбалската суперѕвезда, како што пренесуваат португалските портали.
Имено, Роналдо и неговата партнерка Георгина Родригез ги налутија соседите со тоа што извршија обемни работи на имотот вреден 33 милиони евра, кои траат повеќе од три години и ќе продолжат најмалку уште 12 месеци.
Минатомесечното видео покажа дека има уште многу да се работи на вилата, која мештаните со потсмев ја нарекуваат „пирамидата на фараонот Роналдо“.
Поради популарноста на Роналдо, неколку локални медиуми и Јутјубери создадоа содржина за вилата, што значи дека нејзината локација е позната на португалската јавност.
Кога ќе се повлече од фудбалот, се очекува Роналдо и неговото семејство да го поминуваат времето помеѓу Мадрид – домот на неговиот поранешен клуб Реал – и во близина на брегот на Лисабон.
Во суштина, на соседите им беше доста од проектот, а еден од нив изјавил: „Три години градат. Куќата е толку голема што личи на болница. Нашата улица е затворена со месеци, мојата градина е полна од прашина. Сето тоа поради „пирамидата“ на фараонот Роналдо“.
Проектот првично се очекуваше да чини 12 милиони евра, пред цената последователно да се зголеми на 20 милиони евра, а сега на 33 милиони евра.
Објектот за голф клуб во близина на вилата мораше да се пресели, што е една од причините за зголемените трошоци. Гласините велат дека Роналдо се обидел да го купи тој терен за голф за да си обезбеди поголема сигурност, но неговата понуда била одбиена.
Замокот на Роналдо би требало да вклучува огромен стаклен базен со подводна патека. Славниот 38-годишник ја сака главната спална соба од 300 квадратни метри како дел од она што се верува дека е најскапиот имот во Португалија.
Соседите, исто така, наводно се загрижени дека имотот ќе гледа на нивните градини, а среде тие прашања се појавија сомнежите дали Роналдо, кој сега игра во Саудиска Арабија, некогаш ќе се всели.
Португалската ѕвезда, која кариерата ја започна во лисабонски Спортинг, во јануари се пресели во Саудиска Ал-Наср по непријатната разделба со Манчестер Јунајтед.
Покрај бројните имоти во Португалија, тој поседува и луксузна вила во Торино, од времето кога беше во Јувентус, како и вила од 5,6 милиони евра на имотот на затворената тврдина Ла Финка во близина на Мадрид.
Во исто време, Роналдо може да се пофали со седумкатна станбена зграда во Фуншал на островот на неговото раѓање, Мадеира.