Минатата недела во село Жировница беа убиени три мечки. Оваа вест ја соопштија од ДИЖС а ја потврдија и од МВР/Полиција и МЖСПП.
За овој настан порталот ,,Во Центар” известуваше од лице место и разговараше со локалното население.
И по една недела од овој настан ништо се нема сменето. Мечките слободно се шетаат низ селото, прават огромни штети а населението живее во страв.
Денес до нашата редакција се обрати Председателот на МЗ Жировница, Аднан Салиу кој, видно загрижен и вознемирен ни го опиша теророт со кој секојдневно живеат.
-,,Помина една недела од кога ние од надлежните институции бараме да го решат проблемот со мечките и сета дивина која го окупира нашето село. Живееме во страв и штом се стемни никој не излегува на двор. Мечките доаѓаат дури во нашите дворови. Нема ден а да не направат штета. Синојка влегле во стадото со овци и кози на еден мој соселанец. Мечките му изеле неколку овци и кози. На друг соселанец мечката синојка му ги нападна пчелните сандаци. И двата случаи се пријавени во надлежните институции. Ако ситуацијата продолжи вака ќе останеме без добиток. Стравуваме и за нашите деца кои не можат да се справат со ова зло затоа не ги пуштаме воопшто на двор. Во мое лично име, во име на МЗ Жировница и сите мои соселани апелирам до надлежните институции да најдат решение за макава со која години маки мачиме, пред да биде предоца”, изјави Аднан Салиу, Претседател на МЗ Жировница
Во прилог можете да погледнете фотографии од направената штета.