Рејтингот на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, остана на 40 отсто на почетокот на август, според анкетата спроведена оваа недела од Reuters.
Резултатите од тридневната он-лајн анкета, во која Американците одговориле дали го одобруваат или не го одобруваат начинот на кој Џо Бајден ја извршува функцијата, се совпаднаа со резултатите во јули, кои исто така изнесуваа 40 отсто, пренесе британската медиумска агенција.
Околу 54 отсто од испитаниците изјавиле дека не го одобруваат настапот на демократскиот претседател, додека шест отсто рекле дека не се сигурни или не сакаат да одговорат на прашањето.
Анкетата има маргина на грешка од три процентни поени.
Економијата, невработеноста и работните места сè уште се приоритет за Американците, а една петтина од испитаниците наведуваат дека тоа е најважниот проблем со кој се соочуваат САД денес.
60 проценти од Американците, вклучително и секој трет демократ, кажале дека не го одобруваат начинот на кој Џо Бајден се справува со инфлацијата, иако Белата куќа тврди дека, како што ја нарекуваат – „Бајденовата агенда“ функционира.
Економскиот раст беше скромен, но стапката на невработеност падна на најниско ниво во последните децении, наведува агенцијата.
Анкетата на Reuters спроведена минатата недела покажа дека загриженоста за економијата може да го чини Џо Бајден поддршка на изборите во 2024 година.
Еден од пет испитаници кои гласале за Џо Бајден во 2020 година изјавиле дека не се сигурни за кого ќе гласаат овој пат.