Објектот за складирање нуклеарен отпад на нуклеарната централа во Курск на западот на Русија е оштетен во напад на украинско беспилотно летало, соопшти синоќа Министерството за надворешни работи на Русија, повикувајќи ја меѓународната заедница да го осуди наводниот терористички чин.
Во соопштението се наведува дека нападот се случил во четвртокот и дека Украина сигурно знаела дека таквите дејствија може да предизвикаат нуклеарна катастрофа што може да погоди многу земји. Се наведува дека во нападот уште два дрона ја оштетиле административната зграда на нуклеарната централа, пренесува медиумската агенција Reuters.
„Ги повикуваме сите влади најостро да ги осудат варварските дејствија на Киев, кои се крајно опасни и можат да доведат до непоправливи последици“, порача портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, и изјави дека западните компоненти се користени во производството на тие дронови.
Москва во петокот објави дека спречила напад со украинско беспилотно летало во четвртокот, а некои медиуми објавија дека експлозијата го оштетила ѕидот на складиштето за нуклеарен отпад.
Нуклеарната централа во Курск, лоцирана во регионот на границата со Украина, соопшти дека нема жртви и дека нивото на радијација и работата на централата се нормални.