Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант, преку видео-врска ги информирал колегите од НАТО кои се собраа на дводневна средба во Брисел за ситуацијата во неговата земја.
Во своето обраќање, Јоав Галант ги опиша сцените што ги нашол во погодените заедници по нападот. Израелскиот министер, исто така, им пуштил на министрите за одбрана на НАТО видео од злосторствата извршени од Хамас во Израел, велат извори од НАТО, пренесуваат странските медиуми.
„Тешко сме погодени. Меѓутоа, за да се осигураме дека нема забуна, 2023 година не е 1943 година. Ние сме исти Евреи, но имаме различни способности. Државата Израел е силна, ние сме обединети и моќни“, нагласил тој.
„Израелската Армија ќе го уништи Хамас, а ние ќе го ловиме секој човек кој има крв од нашите деца на рацете“, им рекол Јоав Галант на министрите.
„Тоа ќе биде долга и тешка војна, но ние ќе победиме“, потенцирал тој.
Во исто време, во првата изјава по избувнувањето на војната во саботата, началникот на Генералштабот на Армијата, Херцл Халеви, порача дека ИДФ е одговорна за безбедноста на државата и нејзините граѓани, а во саботата наутро, во пограничните заедници на Појасот Газа, не ја исполниле таа задача.
„Ќе проучуваме, истражуваме, но сега е време за војна“, рекол Херцл Халеви.
„Појасот Газа никогаш повеќе нема да биде иста“, рекол тој и додал: „Ќе дојде време кога оние што ја водат Газа ќе се соочат со тешки последици – ќе ја растуриме. Оние кои остануваат таму треба да разберат дека таквите акции не се преземаат против државата Израел. Ќе биде потребно време и трпение“.
Говорејќи од базата во близина на границата со Појасот Газа, Херцл Халеви изразил сочувство до семејствата на ужалените и рекол:
„Цената на војната е висока и тешка. Ќе направиме се за да ги вратиме заложниците дома“.