Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, вели дека никогаш во неговата кариера не му се случило тројца играчи на неговиот тим да се здобијат со повреди на лигаментите на коленото во краток временски период.
Одбранбениот играч Дејвид Алаба стана третиот играч на Реал Мадрид кој ги повредил предните вкрстени лигаменти на коленото. Тој се повреди синоќа и мораше да биде заменет пред полувремето од натпреварот против Виљареал, кој неговиот тим го доби со 4:1.
На Дејвид Алаба во следните неколку дена ќе му биде извршена операција на левото колено и најверојатно ќе го пропушти остатокот од сезоната.
„Многу сме тажни бидејќи тој е уште еден играч кој ќе го загубиме. Никогаш не сум имал тројца играчи да ги повредат вкрстените лигаменти за четири месеци“, изјави Карло Анчелоти.
Голманот Тибо Куртоа и дефанзивецот Едер Милитао веќе ги оперираа лигаментите, додека играчот од средниот ред Едуардо Камавинга и напаѓачот Арда Ѓулер подолго ќе паузираат поради проблеми со коленото.
Поради повреди отсуствуваат и напаѓачот Винисиус Јуниор и десниот бек Дани Карвахал.
Во последниот натпревар оваа година Реал Мадирд ќе игра на гостувањето кај Алавес.
„Она што треба да го направи тимот е токму тоа што го правеше досега. Направивме повеќе отколку што некој веруваше дека сме способни. И покрај проблемите, овој тим се бори, копа, игра одличен фудбал и покажува голема посветеност. Тоа е единствениот начин да се пополни отсуството на повредени играчи“, изјави италијанскиот селектор.