Украина ја испрати својата „мапа за мир“, односно документ во кој се наведува што е потребно за да се запре војната во оваа земја, пишува Ројтерс.
Документот е испратен пред состанокот меѓу руските и украинските претставници што ќе се одржи денес во Истанбул, што е втора рунда преговори во турскиот град.
Според планот, кој беше објавен во делови од Ројтерс, Украина бара целосно прекин на огнот, враќање на сите затвореници, како и децата за кои тврди дека биле киднапирани од Русија од почетокот на војната, со цел да започнат мировни преговори.
Откако ќе бидат исполнети овие услови, според планот од Киев, може да се одржи средба меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски.
Што се однесува до територијата, Украина бара сегашните линии на фронтот да бидат основа за почеток на преговорите и да не се воведуваат никакви ограничувања за украинската армија. Исто така, се бара деловите од Украина окупирани од Русија да не бидат меѓународно признати.
Покрај тоа, Киев бара и Русија да ѝ исплати отштета на Украина за уништувањето што оваа земја го претрпе од 2022 година, кога руските трупи извршија агресија врз Украина.
Вреди да се каже дека, судејќи според објавените планови, двете завојувани страни се доста далеку во нивните услови за завршување на војната.
Русија, меѓу другото, сака да го задржи Крим, кој го окупираше во 2014 година, и неколку други украински региони. Тие исто така сакаат гаранција дека НАТО нема да се прошири на исток, односно дека Украина нема да биде членка на оваа организација, како и значителни ограничувања за армијата на оваа земја.
Нова рунда преговори ќе се одржи денес во Истанбул, а се очекува таму да бидат и американски посредници, а најверојатно ќе дојдат и претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Кит Келог.