Саудиска Арабија многу го промени фудбалот, а потоа и листата на најплатени
Големите инвестиции на Саудиска Арабија во фудбалот ја сменија и листата на најплатени играчи. На многу професионалци им беше тешко да одолеат на повикот на петродоларот, дури и да значеше дека повеќе нема да играат фудбал на највисоко европско ниво. Мора да се знаат приоритетите…
Француски Le Parisien објави листа на десет најплатени фудбалери во светот, а дури осуммина од нив моментално се членови на саудиски клубови.
Последен на таа листа е Калиду Кулибали. Сенегалскиот стопер се пресели од Челзи во Ал-Хилал и заработува 30 милиони евра годишно или 577.000 евра неделно и е најплатениот дефанзивец во фудбалскиот свет.
Ријад Махрез неодамна го напушти Манчестер Сити и потпиша договор со Ал-Ахли кој му гарантира годишна плата од 35 милиони евра.
Седмото место го делат поранешниот капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон и неговиот поранешен соиграч Садио Мане . Хендерсон го напушти „Енфилд“ и се пресели во Ал-Етифак, кој го раководи Стивен Џерард , каде заработува 40 милиони евра годишно, или 769.000 евра неделно. Сенегалското крило пристигна во Ал Наср преку Баерн, кој заработува исто колку и неговиот поранешен капитен.
На шестото место е Лионел Меси , кој по заминувањето од Пари Сен Жермен својата среќа ја побара во Соединетите Американски Држави. Аргентинецот ја одбил понудата од Саудиска Арабија вредна повеќе од милијарда долари и потпишал договор со Интер од Мајами во кој договорил годишен приход од 45 милиони евра. Секоја недела на неговата сметка „капнуваат“ 865.000 евра.
Единствениот играч кој е меѓу 10-те најплатени во светот, а игра во Европа е Килијан Мбапе . Тој се уште е член на ПСЖ каде има договор вреден 70 милиони евра годишно. Или 1.346.000 евра неделно, што и да преферирате. Го канат и во Арабија, но засега дава отпор бидејќи попрво би заминал во Реал Мадрид…
Третото место по заработка го делат Нејмар и Н’Голо Канте . Бразилецот се пресели од ПСЖ во Ал Хилал, додека Канте го замени Челзи со Ал-Итихад. И двајцата собираат по 100 милиони евра годишно или нешто помалку од два милиони неделно.
Освен што ќе заработи повеќе отколку во ПСЖ, како дел од договорот, Нејмар ќе има и приватен авион, бонус за победа од 80.000 евра, голема палата со персонал и уште половина милион евра за секоја објава на Инстаграм во која ја промовира Саудиска Арабија. . Канте вложи дел од своите пари во купувањето на белгискиот прволигаш Ројал Екселсиор Виртон.
Највисоки плати во светот на фудбалот во моментов имаат двајца поранешни членови на Реал Мадрид. Францускиот напаѓач Карим Бензема е член на Ал-Итихад, со кого потпиша договор вреден 200 милиони евра, колку што заработува Португалецот Кристијано Роналдо во Ал-Наср. Неделната плата на двајцата е 3.846.000 евра, а на овие неверојатни суми треба да се додадат и приходите од маркетинг, кои исто така не се занемарливи.
За некои фудбалери, очигледно, „секирата им паднала во медот“…