Овие видови сирење можат да ви помогнат да го регулирате високиот крвен притисок

Високиот крвен притисок, познат и како хипертензија, е чест, особено кај постарата популација, а некои намирници можат да ви помогнат да го намалите.

Хипертензијата може да доведе до опасни здравствени последици како што се срцев удар или мозочен удар. Она што дополнително загрижува е фактот што честопати нема јасни симптоми, па многу луѓе дури и не знаат дека го имаат. Меѓу најважните фактори кои го зголемуваат ризикот од развој на хипертензија се прекумерната телесна тежина и лошата исхрана.

Експертите особено предупредуваат за група намирници кои треба да се ограничат за да се намали ризикот од висок крвен притисок, имено ултра-преработената храна. Ако сакате да го намалите крвниот притисок, важно е да се фокусирате на балансирана исхрана со малку сол.

Сирењето се издвојува меѓу корисните намирници бидејќи се произведува преку ферментација, што е добро за здравјето на цревата и микробиомот, а е исто така богат извор на важни хранливи материи како што се калциум, масти, протеини и витамини. Изборот на вистинскиот вид сирење може да помогне во регулирањето на крвниот притисок, пишува Eating Well.

Ново истражување покажа дека зголемениот внес на калциум може малку да го намали систолниот и дијастолниот крвен притисок. Научниците заклучија дека ова укажува на можна улога на калциумот во превенцијата од хипертензија, а малите промени во притисокот можат да имаат значајни здравствени придобивки во однос на намалувањето на ризикот од заболувања на крвните садови.

Видови сирења препорачани од нутриционистите и погодни за регулирање на крвниот притисок се швајцарско сирење, моцарела, козјо сирење и рикота. Имено, како што изјави диететичарката Лорен Трахан за Eating Well, швајцарското сирење има најмалку натриум, само 54 милиграми на порција од 28 грама. Ова сирење е помалку преработено, па затоа природно содржи помалку сол, а е и богато со калциум.

Дополнително, свежата моцарела содржи околу 85 милиграми натриум на порција од 28 грама, што е ниско во споредба со другите сирења. Козјото сирење е исто така соодветен избор, а диететичарката Сузи Полгрин за „Eating Well“ тврди дека овој вид сирење содржи околу 118 милиграми натриум и 85 калциум по порција.

Исто така, рикота е вид сирење кое е поблаго по вкус и содржина на сол, а половина чаша рикота содржи 135 милиграми натриум и 289 милиграми калциум, што ја прави соодветен додаток во оброците ако сакате да го поддржите здравјето на срцето и крвните садови.