Лекарите ги предупредуваат мажите да ги исклучат греалките на автомобилските седишта доколку сакаат да останат плодни!
Грејачот на седиштата, особено популарен кога надворешната температура е под нулата, може да ја подигне температурата на тестисите, а лекарите предупредуваат дека тоа може негативно да влијае на производството на сперма.
Загревањето на вашите интимни делови за време на зимското возење може да звучи супер убаво, меѓутоа, за производство на квалитетна сперма потребно е тестисите да бидат неколку степени поладни од остатокот од вашето тело.
„Веќе некое време знаеме дека загревањето со носење тесни панталони или предолго седење зад воланот на автомобилот може да го намали производството на сперма“, вели професорот Алан Пејси од Универзитетот во Манчестер за Дејли Меил.
Пејси ги советува мажите да се држат настрана од таканаречените електрични ќебиња во текот на зимската сезона.
– Замислувам дека користењето грејачи на автомобилски седишта или електрични ќебиња за време на студ може да го направи истото. Мој совет до сите мажи кои планираат бременост со својата партнерка е да ги исклучат греалките на седиштата во автомобилот и да избегнуваат електрични ќебиња. Тоа би можело да ја направи сета разлика“, рече Пејси.
Друг експерт вели дека повремената и краткотрајната употреба не треба да биде проблем.
– Сè што ги загрева тестисите може да оштети дел од сперматозоидите што ја намалува веројатноста за оплодување на јајце клетката. Најголемите виновници се долгото возење велосипед во ликра или долгите топли бањи. Повремената употреба на грејачи на седишта и електрични ќебиња не треба да биде проблем – изјави д-р Часа Џејсин од Империјал колеџ во Лондон.
Сепак, не само топлината влијае на производството на сперма, а студијата на Харвард минатата година покажа дека занимањата можат да влијаат и на тоа дали мажот има доволно силен примерок за репродукција. Истражувањата покажаа дека физичките работници имаат речиси 50 отсто повеќе сперматозоиди од мажите кои работат во канцеларии.
Тим од Швајцарија, да потсетиме, неодамна откри дека ако го користите вашиот мобилен телефон повеќе од 20 пати на ден, имате 21 отсто помал број на сперматозоиди во споредба со оние кои го користеле помалку од десет пати на ден.