Во Германија падот на цените на увезените стоки забрза и во август – во однос на истиот месец лани тие се пониски за 16,4 отсто, објави заводот за статистика.
Ова е најголемото намалување од ноември 1986 година. Спротивно на тоа, минатата година цените повремено поскапеа за повеќе од 30 отсто, пред се цените на енергијата и суровините поради рускиот напад врз Украина.
Затоа сегашното намалување на цените статистичарите го објаснуваат пред се со таканаречениот базен ефект, поточно минатогодишното големо поскапување, пренесува dpa.
Овој ефект се одразува и во увозот на енергетски производи кои во август беа поевтини за 54 отсто од пред една година. Сепак, во однос на јули годинава увезените енергетски производи поскапеле за 4,1 отсто.
Колку се значајни енергетските производи како дел од вкупниот увоз покажува и фактот што увозните цени на другите стоки паднаа за само 3,4 отсто во однос на 2022 година.
Увозните цени влијаат и на потрошувачките цени, врз основа на кои Европската централна банка води монетарна политика. Во обид да ја спречи инфлацијата, ЕЦБ значително ги зголеми клучните каматни стапки од минатото лето.
ЕЦБ, која е загрижена за стабилноста на еврото, неодамна, сепак, посочи дека се ближи крајот на зголемувањето на тие каматни стапки.