Добивме известување дека ќе биде намален обемот на тестовите по мајчин јазик и дека банките со прашања за интерните предмети ќе бидат достапни најмалку четири седмици пред полагањето на конкретниот испит, соопшти ОДАС (Организација за дијалог и афирмација на средношколците и студентите), чии претставници попладнево беа на средба со министерот Јетон Шаќири.
– На барање на Министерството за образование, ОДАС одржа состанок со министерот Јетон Шаќири, директорка на Државниот испитен центар, Благица Павловска и државна секретарка во МОН, Анета Трпевска. На состанокот се разговараше за барањата на средношколците во врска со полагањето на државната матура, соопшти ОДАС.
ОДАС беше организатор на протестот пред МОН на 17 март и нивното барање беше да се намали обемот на материјалот за полагање на државната матура или, како алтернатива, да се намали бројот на интерни испити.
Пред денешната средба во МОН, претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, изјави дека очекува повторно да ги искажат нивните барања и нагласи дека поради многу изгубени часови и загубен квалитет на наставата, најдобро е обемот на материјалот за испитите на матурата да биде намален.
– Нашите барања се скратување на обемот на материјалот предвиден за полагање на државната матура за оваа година. Тоа е поради големиот број фактори кои мошне негативно влијаеја на нашето образование, квалитетот на настава и бројот на часови што беа реализирани. Во корона-кризата наставата беше онлајн, дојавите за бомби беа актуелни до пред некое време и наголемо ја попречија наставата, секој ден учениците беа евакуирани од училиштата, а секако, имаше и протести на просветните работници и штрајкот на вработени во ЈСП што го попречи доаѓањето на голем број ученици на училиште, изјави Угриновска пред средбата во МОН.