– Во Клубот на пратениците денеска се одбележа Денот на Управата за финансиска полиција и 20 години постоење на институцијата. На одбележувањето на овој значаен јубилеј присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски, кој во своето обраќање рече дека Управата за финансиска полиција е важна алка во системот за борба против корупцијата и организираниот криминал.
– Низ годините оваа институција покажа високо ниво на професионалност, транспарентност и стручност. Во оваа борба важна е и институионалната соработка која Управата ја гради со Министерството за внатрешни работи, како и со Агенцијата за национална безбедност, со амбасадите од стратешките партнерски држави на Северна Македонија. И соработката е еден показател за важноста на заедничката координација на институциите за справувањето со организираниот финасиски криминал и корупција кој нанесува огромна штета на буџетот на државата и делува лошо на целото општество, рече Ковачевски.
Оцени дека справувањето со ваквиот вид на криминал е предизвик на светско ниво и дека за справување со ваквиот предизвик е потребно јакнење на независноста на институциите, јасна дистинкција на надлежностите на властите во државата, но и постапување согласно законските регулативи и прописи.
-Во овој контекст владеењето на правото треба да биде прв приоритет, започнато е ново поглавје на нашиот пат кон европските интеграции на кои пред нас ќе се постават многу предизвици и ќе донесат понатамошни реформи и трансформација на општеството. Јас сум среќен што сите институции се вклучени во скринингот кој се одвива во Брисел меѓу кои вклучена е и Управата за финансиска полиција и тие можеа да се уверат што е она како предизвик што стои пред Управата во делот на реформите кои треба да бидат спроведени, рече Ковачевски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изрази задоволство од соработката и оцени дека заедничкото справување со разните облици на финансикски криминал, спроведување на законите и остварување на принципите на владеењето на правото се од суштинско значење за општеството.
-Обезбедувањето на законитоста во финансиското работење, што претпочита не само будно следење, туку и благовремено, аналитичко и детално детектирање на сите оние незаконитости во доменот на работа и надлежности на Управата за финансиска полиција, согласно досега докажаното од страна на оваа институција и нејзините вработени, бездруго покажува дека тие цели се и тоа како достижни, реално остварливи, дури и покрај нужните реформски промени што во изминатиов период мораа да се прават во όд, истакна министерот Спасовски.
Тој додаде дека заедничките активности и проекти помеѓу Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција резултирале со зголемување на професионалноста при извршување на оперативните задачи.
Министерот за финасии Фатмир Бесими беше дециден дека улогата на Управата за финансиска полиција е да биде заштитник на финансискиот систем и општествените интереси.
-Наша одговорност е да ја подобруваме правната и економска околина и ефикасно да ги пштитиме интегритетот на финасискиот систем преку обезбедување на јасни правила за сите, но и санкции за оние кои не ги применуваат и почитуваат тие правила. Во таа насока се и нашите заложби за подобрување на капацитетите на Управата како орган значаен за системот за заштита на националните и европски финасиски интереси и борба против организирниот криминал, рече Бесими.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов информира дека од неговото назначување на функција се поднесени повеќе од 100 кривични пријави за предизвикана штета врз буџетот и посочи дека во иднина Управата ќе продолжи да работи на кадровско дооекипирање, зајакнување на оперативните капацитети, континуирана едукација и усовршување на кадрите.
На настанот беа подолени плакети на пет вработени од Управата за финансиска полиција во знак на благодарност за нивното работење.