По повод 28 Јануари – Европскиот ден на заштита на личните податоци, денеска во „Европската куќа“ ќе се одржи конференцијата „Заедно за заштита на личните податоци“, во организација на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Фондацијата „Метаморфозис“, Агенцијата за заштита на лични податоци и Центарот за правни истражувања и анализи.
Како што информираат од Фондацијата „Метаморфозис“, на конференцијата, меѓу останатите, ќе се обратат Штефен Худолин, шеф на секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ во земјава, Имер Алиу, директор на Агенцијата за заштита на личните податоци, Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во Фондацијата Метаморфозис и Лидија Стојкова-Зафировска, претседателка на Извршниот одбор на Центарот за правни истражувања и анализи.
– На 28 јануари се одбележува годишнината од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци, првиот правно обврзувачки меѓународен документ во областа на личните податоци. Заштитата на личните податоци е гарантирана и со Уставот на Република Северна Македонија, а во февруари 2020 година беше донесен нов Закон за заштита на лични податоци. Целта на овој закон, покрај усогласување на националното законодавство со Општата регулатива за заштита на личните податоци (ГДПР) на Европската Унија, беше и да одговори на предизвиците предизвикани од зголемената употреба на дигитални алатки во обработката на личните податоци, посочуваат од „Метаморфозис“.
Оттаму посочуваат дека и покрај тоа што од донесувањето на Законот поминаа речиси три години, многумина сè уште не се свесни за правата кои тој ги гарантира.
– Ова наложува потреба од унапредување на правната и институционалната рамка за да може да обезбеди правично собирање, користење, обработка и чување на личните податоци од контролорите на лични податоци, што ќе доведе до поголема заштита на човековите права во дигиталната ера, потенцираат од „Метаморфозис“.