Одби да игра за Наполи, а сега Јунајтед го бара за 75 милиони евра?

Нигерскиот напаѓач Виктор Осимхен (26) летово би можел да се пресели во Манчестер Јунајтед, кој е подготвен да плати клаузула за негово ослободување од 75 милиони евра, објавија денеска англиските медиуми. Осимхен беше голема тема на преодниот рок минатото лето. Откако тој одби да игра за Наполи, многу се шпекулираше каде ќе ја продолжи кариерата, но на крајот заврши на позајмица во Галатасарај.

Сезонава постигна 19 голови и пет асистенции во турското првенство и Лигата на Европа. На крајот од сезоната се очекува тој да се врати во Наполи, со кого има договор до јуни 2026. Сепак, тешко дека ќе остане во италијанскиот клуб. Јунајтед е подготвен да плати отштета од 75 милиони евра колку што е неговата проценета вредност на Трансфермаркт.

Осимхен е во наполитанскиот клуб од 2020 година како најдобар стрелец на клубот. Пред две сезони, кога Наполи ја освои титулата во италијанската Серија А, Осимхен беше најдобар стрелец во лигата со 26 гола во 32 натпревари. Минатата сезона постигна 17 гола во Серија А, а вкупно за Наполи одигра 108 првенствени натпревари и постигна 65 гола.

Тој бара плата од 12,5 милиони евра

Проблемот е што Осимхен сака да ја продолжи кариерата во клуб кој ќе игра во Лигата на шампионите. Со оглед на тоа што клубот од Манчестер се наоѓа на 15. место во Премиер лигата, со 15 бода од четвртото место кое води во Лигата на шампионите, тешко ќе се пласираат во европските натпреварувања.

Англиските медиуми додаваат дека Осимен бара годишна плата од 12,5 милиони евра. Доколку Јунајтед му ја даде посакуваната сума, тој ќе стане четврти најплатен фудбалер во клубот. Според Капологија, неофицијален извор на плати на фудбалерите, Касемиро заработува 18,2 милиони евра годишно, потоа Бруно Фернандеш со 15,6 милиони евра и Мејсон Маунт со 13 милиони евра.