– Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денес одобри исплата на 900 милиони долари за помош на Украина.
„Украинскиот аранжман ЕФФ (Екстендед Фанд Фасилити) од 48 месеци, со пристап до 11,6 милијарди СДР (што е еквивалентно на 15,6 милијарди долари или околу 577 отсто од квотата), беше одобрен на 31 март 2023 година и дел e од пакетот за поддршка од 122 милијарди долари за Украина“, се вели во соопштението на ММФ.
ЕФФ продолжува да обезбедува „силно сидро“ за економската програма на Владата, а неговата имплементација во голема мера е на вистинскиот пат и покрај исклучително предизвикувачката заднина, се додава во соопштението.
Тој потег следуваше по состанокот меѓу украинскиот претседател Владимир Зеленски и генералната директорка Кристалина Георгиева во седиштето на ММФ во Вашингтон.
Георгиева изјави дека „руската инвазија на Украина продолжува да носи огромни социјални и економски трошоци за Украина“, додавајќи дека е „критично“ надворешното финансирање под концесиски услови да продолжи на навремена и предвидлива основа и да го одржува реформскиот моментум.
По средбата со Зеленски, таа на платформата Х изјави дека ММФ е посветен на поддршката на Украина во градењето на темелите за силна економија.
Зеленски ја поздрави „важната“ одлука на ММФ да ѝ додели транша од 900 милиони долари на неговата земја.
„Му се заблагодарив на ММФ за поддршката на Украина и признавањето на достигнувањата на нашата нација и народ. За време на војната спроведуваме реформи за зајакнување на нашите институции и работиме со партнери за да обезбедиме повеќе економски можности за нашиот народ“, рече Зеленски на X.