Украинската грко-католичка црква во понеделникот објави дека во иднина Божиќ наместо на 7 јануари ќе го слави на 25 декември, еден од серијата потези на Украина да се оддалечи од Русија и да се приближи до Западот.
Потегот на црквата го поздрави министерот за култура Александар Ткаченко.
„Оваа одлука е соодветна на барањата на нашето време и јавното мислење“, напиша тој на Фејсбук, повикувајќи се на резултатите од онлајн анкетата спроведена од владата.
Анкетата, спроведена во декември 2022 година, покажа дека 59 отсто од повеќе од 1,5 милиони испитаници го поддржале преместувањето на прославата на Божиќ на 25 декември , кога празникот се слави во Западна Европа.
Гркокатолици, концентрирани претежно во западниот дел на земјата, сочинуваат нешто помалку од десет отсто од вкупниот број верници во Украина.
Минатиот месец Ткаченко изрази надеж дека сите украински цркви ќе се согласат да го прослават Божиќ на 25 декември. Гркокатоличка црква е првата што го стори тоа.
Досега, сите поголеми цркви во мнозинската православна Украина го следеа јулијанскиот календар, според кој Божиќ е на 7 јануари. Тоа е кога Руската православна црква и повеќето други православни цркви го слават Божиќ.
Украинската грко-католичка црква е една од ретките цркви кои го признаваат папата како врховен поглавар и го следат јулијанскиот календар, кој Ватикан во 1582 година го замени со Грегоријанскиот календар.
Поглаварот на Украинската православна црква, Свјатослав Шевчук, рече дека празниците со фиксен датум, како што е Божиќ, ќе бидат префрлени во новиот календар, но празниците со променливи датуми, како што е Велигден, ќе продолжат да се слават според стариот календар.