Одложено! Ништо од средбата Трамп-Путин? ФОТО

Најавената средба за оваа недела меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров засега е одложена, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неименувани добро информирани извори.

Ова одложување на состанокот меѓу шефовите на дипломатиите на САД и Русија, исто така, ја одложува и очекуваната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин , велат изворите.

Трамп во четвртокот по телефонскиот разговор со Путин изјави дека двајцата „се согласиле да одржат состанок на високо ниво на советници следната недела“.

„Тимот на Соединетите Американски Држави за подготвителните состаноци ќе го предводи државниот секретар Марко Рубио , заедно со други функционери“, објави Трамп на социјалната мрежа Truth Social.

Сè уште не е јасно зошто средбата Лавров-Рубио беше одложена, но еден од изворите за американската телевизиска мрежа рече дека Рубио и Лавров имале различни очекувања во врска со евентуалниот крај на војната во Украина .

Рубио и Лавров разговараа по телефон во понеделник и ги разгледаа следните чекори по разговорите на двајцата претседатели минатата недела за евентуално завршување на конфликтот во Украина, според краткиот извештај на Стејт департментот.

Рубио го опиша претстојниот состанок како можност Москва и Вашингтон да работат заедно за да се постигне трајно решение за војната меѓу Русија и Украина , во согласност со визијата на претседателот Трамп, се вели во извештајот.

Кремљ, пак, го опиша телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп како конструктивна дискусија во која се разгледани „можните конкретни чекори за спроведување на договорите постигнати од Трамп и Путин за време на телефонскиот разговор“.

Извор запознаен со ситуацијата изјави за Си-Ен-Ен дека по разговорите Рубио-Лавров, американските претставници оцениле дека руската позиција не е доволно прилагодена и „не отстапува од максималистичките очекувања“.

Засега, Рубио веројатно нема да препорача средбата Путин-Трамп да се одржи следната недела, но Рубио и Лавров би можеле повторно да разговараат оваа недела.

„Претседателот Трамп постојано работи на наоѓање мирно и дипломатско решение за да се стави крај на оваа бесмислена војна и да се запре убивањето. Тој ќе направи сè што е во негова моќ за да постигне мир“, изјави за Си-Ен-Ен заменик-портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.