– Потпишувањето на договорот што требаше да ја рестартира демократската транзиција во Судан денеска е одложено, но и цивилните и воените претставници ветуваат дека ќе се сретнат за да ја вратат ситуацијата од пред државниот удар во октомври 2021 година, изјави еден официјален претставник.
Калед Омар Јусеф, еден од цивилните функционери отпуштени и уапсени за време на пучот на генералот Абдел Фатах ал Бурхане, сега портпарол на политичкиот процес што ги собира војниците и цивилите, најави нов состанок веќе за денеска, но сè уште не за конечното решение.
По неколкунеделни преговори за различните проблематични прашања што ја делат армијата, паравојската и цивилното население, денеска требаше сите да се сретнат и да го потпишат конечниот договор во кој се наведени широките контури за воведување на цивилна власт и изборот на демократски институции.
Место тоа, тие ќе се сретнат попладне за да „договорат нов датум за потпишување на конечниот политички договор, што не може да биде потпишан“ поради „отсуството на консензус за одредени прашања“, се наведува во изјавата на Јусеф.
Од завршувањето на диктатурата на Омар ал-Башир во 2019 година, во Судан се води отворена борба за власт, при што двајца генерали се натпреваруваат за превласт: Бурхане и неговиот заменик, Мохамед Хамдане Дагло, попознат како „Хемедти“, шеф на паравоените сили за брза поддршка (ФСР) од кои сите останати многу се плашат.
Реформата на безбедносните сили, односно интеграцијата на паравоените формации во редовните трупи, е суштината на спорот. Иако минатата недела, на почетокот на преговорите, и двајцата генерали беа во Картум, подоцна тие не дојдоа бидејќи не се согласуваат по ова прашање.